Зголемување на платите за 3.000 денари за вработените во технолошкиот процес во „Македонска пошта“ од 1 јуни, а за другите од администрацијата од 1 август. Ваков предлог добил Синдикатот на поштата од страна на раководството за прекин на штрајкот, кој почна денес.
Претседателот на Синдикатот, Боро Велигденов, на прес-конференција истакна дека утрово интензивно преговарале со раководството. Откога официјално ќе ја добијат понудата и ќе ја потпишат спогодбата, штрајкот ќе биде прекинат, но претодно неопходна е консултација со синдикалните организации за предлогот.
До потпишувањето на спогодбата штрајкот е во тек, изјави Велигденов.
Tој појасни дека околу 1.700 лица се вработени во технолошкиот процес (поштари, шалтерски работници и други), а речиси 400 во администрацијата на „Пошта“. Вкупно, во „Македонска пошта“ вработени се 2.164 лица, соопшти Велигденов.
