Советот за утврдување на факти повел постапка против Злата Попова, претседателката на Основниот суд во Гевгелија, која му издаде на СЈО наредба за претрес во канцеларијата и домот на екс претседателот на скопска единица Владимир Панчевски, пренесува порталот Сведок.
Претседателот на Советот Сашо Поцевски, вели дека постапката е поведена по барање на странка, но не открива дали подносител е самиот Владимир Панчевски, кај кого беше направен претрес, или можеби претседателот или член на Судскиот совет, бидејќи во два наврати, гевгелиската судијка беше итно повикана во Скопје за да објасни пред Судскиот совет, од каде се нашла за надлежна да постапи по барањето на СЈО за претрес во домот на скопскиот судија, иако Судскиот совет нема таква надлежност за да бара информации од неа, посебно не за конкретна наредба за постапка која е тајна.
-Иако претседтелот на Врховниот суд Јово Вангеловски не карактеризираше како клинички мртви, ние и натаму работиме, поведуваме постапки, и така ќе постапуваме се додека не биде укинат овој орган – изјави Сашо Поцевски, претседтел на Советот.
Законот за укинување на Советот на факти е пред пратениците а со укинувањето е впредвидено постапките за разрешување на судиите повторно да се вратат во ингеренции на Судскиот совет, со мала измена, Комисијата од три члена на Советот која ќе предложи разрешување на судија по спроведена постапка, нема да учествува во гласањето.
Злата Попова неполна година е на чело на гевгелискиот суд и е најмалдиот судија по стаж во Гевгелија. Таа го прифати барањето на СЈО за претрес кај Панчевски, а СЈО својата одлука ја оправда со потребата да се обезбеди непристрасен суд кој ќе постапува.
Во меѓувреме, Панчевски чиј мандат заврши со низа скандали и обвинување за влијанија и местење предмети, се жалеше на законитоста на постапката и овој предмет, со одлука на Апелациониот суд во Скопје е префрлен на одлучување кај судија на претходна постапка во Велес.
Контролата на акмисот која заврши во меѓувреме покажа дека десетици предмети во времето на Панчевски им биле поделени на рака на судиите, без да бидат внесени во АКМИС системот, само со параф или усна наредба на екс претседтелот на скопска единица.
Овој извештај, како и сомневањата на СЈО треба да бидат основа за евентуално гонење на Владимир Панчевски.