ТВ 24 може да остане без дозвола за работа. Веќе е закажана седница на Советот на АВМУ за во вторник, 05.12.2017 година за одземање на дозволата на ТВ 24, пренесува македонски медиа сервис.
Измината недела до Советот и директорот Зоран Трајчевски се поднесени барања за одземање на дозволата на ТВ 24 и на ТРД Енџелс од Штип. Подносителот бара да се применат членовите 35 и 39 од Законот за АВМУ, каде стои дека „странско физичко или правно лице може да основа или да учествува во сопственоста на домашен радиодифузер под истите услови утврдени со овој закон, но доколку не е можно да се утврди потеклото на основачкиот капитал, не може да врши радиодифузна дејност, согласно со овој закон ниту да се стекне со удел во сопственост на радиодифузер“ (чл.35). Согласно чл.39 „основач на Трговско радиодифузно друштво не може да биде физичко или правно лице кое истовремено е оператор на електронски комуникациски мрежи“.
Сопственикот на ТВ 24, австриската компанија Кејбл 24, е сопственик на уште една компанија со седиште во Штип, која во 2014 година се припоила кон кабелската телевизија Роби ДООЕЛ.
За директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски се бара покренување на кривична одговорност за злоупотреба на службената должност и овластување, бидејќи не презел активности за утврдување на вистинската состојба на сопствеснота и неговата шифра на дејност, која е транспарентна преку Основниот суд во Линц, Австрија.
Официјално, во регистерот на АВМУ, сопственик на ТВ 24 е Кејбл 24, со шифра на дејност претпријатие за учество во телекомуникации и телекомуникациски услуги, со адреса на АМ Винтерхафен 13 4020 Линц Австрија.