Потпишани договори за нови инвестиции во преносната мрежа на АД МЕПСО во висина од 18 милиони евра

Денеска во Владата на Република Македонија, во организација на АД МЕПСО се одржа настан посветен на потпишување договори со 5 реномирани компании за нови инвестиции во преносната мрежа со којашто управува операторот на електро преносниот систем на Република Македонија АД МЕПСО, во вкупен износ од 18 милиони евра.

Станува збор за модернизација и возобновување на преносната мрежа со што ќе се обезбеди стабилно и квалитетно снабдување со електрична енергија за граѓаните и бизнисот на долг рок, и ќе придонесе кон енергетски и економски развој на земјата.

На настанот свои обраќања имаа Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на АД МЕПСО, Сашо Василевски.

„Крајниот бенефит од овие нови инвестиции во висина од 18 милиони евра во преносната мрежа на електроенергетскиот систем ќе ги почувствуваат компаниите, граѓаните и идните генерации преку навремено, брзо, квалитетно и стабилно снабдување со електрична енергија. Истовремено со реализација на овие нови инвестиции на АД МЕПСО ќе се отвори можност за намалување на трошоците на работење, со што ќе се создадат услови и за намалување на крајната цена што ја плаќаат граѓаните и компаниите бидејќи очекувањата се дека ќе се намали преносната такса која ја добива АД МЕПСО“, порача премиерот Заев.

Заменик претседателот на Владата за економски прашања, Кочо Анѓушев истакна дека електро преносниот систем, односно МЕПСО е крвотокот на електро енергетиката во Република Македонија.

„Квалитетниот преносен систем, значи стабилно и сигурно снабдување со електрична енергија на граѓаните и на стопанството“, нагласи Анѓушев и додаде дека тоа е единствениот услов кој треба да се запази за да се обезбеди одржливост на енергетскиот систем, а преку овие договори тоа и се овозможува. Далеку водите кои се изградени пред 50-60 години, како и трафостаниците кои се исто така застарени, а се од особено значење за пренос на електрична енергија, ќе бидат обновени со нова опрема, со што ќе се обезбеди сигурност за снабдување на електрична енергија за сите граѓани.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e