Мирослав Богдановски добиваше пофалби како в.д. директор на Државниот инспекторат за животна средина, откако почна да ги лови загадувачите со дронови, ја казни „Дрисла“ и беше во постојан контакт со јавноста. Богдановски се заблагодари на поддршката, истакнувајќи дека му е особено драго што во денешно време еден директор на државна институција добива такви коментари од луѓе што воопшто не ги познава.
По половина година тој веќе не е директор на инспекторатот, затоа што според политичкиот пазар ова место му припаѓа на Фејзула Спахија од ДУИ. Голем број активисти за почиста животна средина го изразуваат своето разочарување од оваа кадровска политика.
Но, тоа е само едно од поголем број кадровски решенија што ДУИ ги предложи, СДСМ ги прифати, а граѓаните ги критикуваа. Со назначувањето на поранешниот директор на „Македонски пошти“, Рафиз Алити, за нов директор на „Га-Ма“ и со информациите дека Лазар Еленовски е избран за специјален пратеник во НАТО по предлог на ДУИ, во јавноста е доминантно уверувањето дека СДСМ напросто не знае да му рече „не“ на помалиот партнер. Дури и тогаш кога знае дека критиките за донесената одлука ќе стигнат на нивна, а не на адресата на ДУИ.
Иако и од двете партии децидно негираат дека постои изместена субординација во коалицијата, досега имаше поголем број кадровски и други одлуки што во јавноста беа оценувани како показател дека ДУИ има привилегиран статус во владејачката коалиција.
Пред само една недела, кога вицепремиерот Бујар Османи одлучи да не патува на состанок за Западен Балкан во Бања Лука, затоа што не било покането Косово и покрај коментарите дека е недозволиво Османи самиот, по свое лично убедување, да одлучува каде ќе ја претставува државата, а каде не, премиерот Зоран Заев застана во негова одбрана.
Со изјавата дека „веројатно поради солидарноста на шесте земји од Западен Балкан, потпретседателот на Владата донел таква одлука“, Заев потврди дека Владата нема ништо со таа одлука, и не виде проблем во тоа.
Само неколку дена претходно, Транспарентност Интернешнл Македонија откри дека ДУИ се финансирала од државни институции. Организацијата забележала дека како донатори на партијата се појавуваат „Аеродроми на Македонија“, „Македонска пошта“ и „Македонски железници“. Нема реакција за тоа од коалицискиот партнер.
Нееднаков пазар
Уште со коалицискиот договор интегративците издејствуваа со најмалубројната парламентарна група што некогаш ја имале да го дадат претседателот на Собранието, Талат Џафери, а потоа во Владата ДУИ почна да наметнува кадри кои СДСМ ги прифаќаше и покрај јавните критики, како назначувањето на Садула Дураку, поврзан со затворањето на Липковската брана во 2001 година, за министер за животна средина.
Целиот текст на Призма прочитајте го тука