Првпат во својата историја Република Северна Македонија и нејзините граѓани од католичка вероисповед, но и сите други граѓани на чело со претседателот и премиерот на 7 мај ќе бидат домаќини на посетата на светиот отец папата Франциск и на високата делегација од Ватикан. Посетата на папата ја гледаме како директен придонес кон унапредувањето на регионалниот и светскиот мир и како признание за улогата што Република Северна Македонија ја има во овие процеси.
Ова денеска го истакна државниот секретар во Министерството за надворешни работи Виктор Димовски на прес-конфенција во НУ „Спомен куќа на Мајка Тереза“ во Скопје, на која ја презентираше програмата за претстојната посета на поглаварот на Римокатоличката црква на државава.
Се подготвуваме и организираме настан, посочи, од историско значење за нашата земја и за граѓаните од сите верски и етнички заедници, настан кој во ова време на интеграции на земјата ја засилува внатрешната кохезија и дава стимул за нашето заедничко живеење.
