Поранешен вработен во УБК, Марјан Јанкуловски, на денешното рочиште за предметот „Таргет-Тврдина” за незаконското следење на комуникациите, кажа дека без наредба и под псевдоними биле прислушувани и Мендух Тачи и Арбен Џафери.
– Имаше чудни псевдоними кои ги знаевме само ние оперативно, се знаеше дека „швалер” е Тачи, а „деда” е Арбен Џафери. Сомнително ми беше што за нив немаше наредба, а тие цело време беа вклучени на системот за прислушување. Со Звонко Костовски разговарав дека нешто не е во ред, тој ми велеше дека не знае за тоа. Во УБК паралелно работеа двата система за комуникација, и Најс и Верин. На едниот вежбавме, а на другиот тековно се одвиваа прислушувањата, рече Јанкуловски.
Сведокот учествувал и во комисијата за уништување на опрема за прислушување.
– Еден ден не викнаа, за викенд и опремата товарена на камиони се однесе на отпад каде што беше уништена на преса. Наредба добивавме од Никола Бошковски каде да се унушти опремата, а на уништувањето присутни беа и Тони Јакимовски и Горан Грујовски, посочи Јанкуловски.
Уништувањето на опремата било снимено со камера. Сведокот бил еднаш на уништување на опремата, но дел од комисијата била уште еднаш да за се доуништи.
-Никола Бошковски ми се јави пред да дадам изјава во СЈО, тој и ме однесе до Обвинителството и попат ми кажа што да кажам пред обвинителите. Тој ми се јави кога завршив со исказот во СЈО и дојде да ме земе од дома и на еден паркинг ме прашуваше кои одговори сум ги дал. И Горан Грујовски ми се јави за време на истражната постапка, беше во паника и ми рече дека ќе не апселе за викендот и дека би било фино со семејството да не бидам во Скопје бидејќи и тој немало да биде дома. Тој ми рече ако има некој проблем да се јавам кај некој адвокат Перо и ми даде број. На втората средба со Грујевски на тефтер ми пишуваше што треба да одговорам ако ме испрашуваат пак, изјави Јанкуловски.