Порака од Хелсинки за Скопје: ЕУ во октомври ќе биде доследна

С. Македонија и Албанија треба да добијат датум за преговори во октомври, е главната порака од неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на ЕУ и на земјите од Западен Балкан во Хелсинки. На заедничката прес-конференција, шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини и министерот за надворешни работи на претседавачот со ЕУ, Финска, Пека Хаависто, потенцираа дека на средбата долго и сеопфатно се зборувало за ова прашање.

Могерини не сакаше директно да одговори дали некоја од земјите-членки има дилеми во однос на проширувањето туку го пренесе заедничкиот став на шефовите на дипломатите на ЕУ кои, како што рече, ја подвлекле важноста од конзистентност, имајќи предвид дека следува период во кој треба да се донесат одлуки за отворање на преговори со С. Македонија и Албанија.

„Денеска видов уште поголема поддршка и посветеност и свесност меѓу земјите-членки за стратешкото значење за ЕУ да биде доследна при следните чекори на процесот за проширување. Нормално, ова го зборувам од аспект на земјите-аспиранти за членство во ЕУ, но многу е важно да се потенцира од какво значење ќе биде тоа за ЕУ. Тоа значи повторно обединување на континентот. Проширувањето не е само проширување туку обединување, бидејќи сите земји-кандидатки од Балканот имаат соседи-членки на ЕУ, така што тоа е остров во самата Европска Унија. Затоа, тоа не е проширување туку обединување на континетнот. И наш интерес е да го интегрираме тој дел во ЕУ“, изјави Могерини.
Сличен став има и Германија, чиј министер за надворешни работи Хајко Мас побара брзо започнување пристапни преговори со С. Македонија и со Албанија. „Мислам дека ЕУ мора да има интерес за овој регион“, изјави германскиот министер.

Почетокот на пристапните преговори на ЕУ со С. Македонија и со Албанија е една од централните теми на неформалната средба на министрите за надворешни работи на земјите од ЕУ во Хелсинки, на кој учествуваат и претставници на партнерските држави од Западен Балкан (Северна Македонија, Србија, Албанија, БиХ, Косово и Црна Гора). Состанокот е организиран од претставничката на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини и финското претседателство со ЕУ.

Извор: 360 степени

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e