Министерот Роберт Поповски, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност во Владата во своето обраќање на третиот Форум за управување со интернет што денеска се одржа во Скопје, како што соопшти владината прес-служба, истакна дека иако терминот „управување“ подразбира дека управувањето со интернетот подразбира одредена рамка на правила, управувањето со Интернет мора да се погрижи Интернетот да остане глобален, отворен и слободен простор, и простор каде луѓето уживаат исти права и имаат ист степен на заштита.
– Во нашата земја, која не многу одамна имаше сериозни проблеми со слободата заради репресивните политики во сферата на медиумите и слободата на изразувањето, интернетот беше единственото место за слободоумната мисла. Затоа наша обврска е да ги направиме можностите на Интернет отворени за сите: Со намалувањето или целосното укинување на дигиталниот јаз, со гаранции за еднаков пристап и со овозможување придобивките од мрежата да им припаѓаат на сите. Без исклучок. Во таа насока на Форумот за управување со интернетот Македонија гледам како на точка од која на креирањето на нашата визија ќе и посветиме поизострен фокус и поголема енергија со колку што е можно пошироката инклузивност на сите засегнати страни. Интернет просторот им припаѓа на сите. Ниту една страна нема, ниту може да има ексклузивно право во оваа сфера, рече министерот Поповски во своето обраќање.
Посебен акцент на овој настан министерот Поповски стави на справувањето со манипулативната пропаганда на интернет како мрежа преку која изворите на лажните вести се „пуштени“ на максимум.
Како една од мерките за борба против лажните вести од Планот за одлучна акција против ширењето на лажните вести на Владата на Северна Македонија ја издвои медиумската писменост која ќе биде многу позастапена во образованието, и дека во еден процес на активно партнерство со граѓанскиот сектор ќе се спроведат програми и тренинзи за медиумска писменост и за вработените во државната администрација.