И покрај кризата извозот од ТИРЗ не е намален

Со снабдување со гас до сега фирмите во технолошко-индустриските развојни зоно немале проблеми, вели директорот на ДТИРЗ, Јован Деспотовски во интервју за ‘Независен’. Тој додава дека за жал цените се такви какви што се, но сега се многу намалени и се стабилизирани на пониско ниво.

– Цената на струјата секако ги погодува. Но, иако дејноста за производство на електрична енергија не е предвидена со законот за ТИРЗ, во рамки на регулативата најдовме начин, без да ги изложуваме компаниите на опасност, да им овозможиме да постават фотоволтаици за сопствени потреби. Пет или шест компании тоа го имаат реализирано и верувам дека тоа значително ќе им ги намали трошоците. Процесот е многу едноставен – решението го добиваат за пет дена, вели Деспотовски.

Според него, оваа можност дел ја користат, дел не, но дали тоа укажува дека само дел имаат проблем, засега не се знае.

-Меѓутоа пред да изнесуваме заклучоци внимателно ги гледаме бројките. Бројките нам ни сугерираат нешто друго, дека заклучно со деветти месец извозот беше речиси на ниво на целата мината година, кој што, пак, беше најголем до сега. Кога во прашање би биле само цените и увозот ќе растеше со иста стапка. Меѓутоа кај нас динамиката на раст на извозот е поголема од динамиката на раст на увозот. Позитивната разлика што се создава е многу поголема од минатата година. Потоа, заклучно со септември има околу 1.600 работни места плус или околу 12 отсто повеќе од почетокот на годинава. Тоа значи дека е поголема додадената вредност, додава Деспотовски.

Тој истакна дека факторите се повеќе, компаниите преземаат дел од проектите што ги имаат на ниво на групација во Украина, дел нови клиенти, а делумно се гледа и ефектот од инвестирањето минатата година.

– Секако, и вложувањето во развој на вештини кај вработените генерира поголема додадена вредност. Така што, комбинација на тие фактори, делумно плус инфлација, предизвикува да имаме сериозен раст. Реално, бројките што ги имаме се историски највисоки. Минатата година прв пат стигнавме до извоз од 3 милијарди евра, а годинава има 2,8 милијарди на крајот на третиот квартал. Тоа значи дека таа бројка веќе е надмината. Верувам дека бројот на работни места сѐ уште оди нагоре, такви се податоците од компаниите со кои комуницираме, како и дека ќе продолжи. На пример, на крајот на 2020 во компаниите во ТИРЗ имаше нешто под 13 илјади вкупно вработени, сега сме веќе нешто под 16 илјади, значи има раст од 20 отсто. Со договорите кои веќе ги имаме постигнато, во деловните планови има над 4.500 нови работни места што треба да се креираат, а дел веќе се креираат. Така што, ако го слушаме општиот впечаток, кризата секако се одразува во поголем дел, ако пак ги гледаме бројките може да кажеме дека се одразува, но не суштински, заклучи Деспотовски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e