Девојка на возраст од 19 години е уште една жртва од автобуската несреќа што на 13 февруари се случи кај селото Ласкарци. Веста за медиумите ја потврдија од болницата „Мајка Тереза“.
Поради сериозноста на повредите на девојката и беа извршени неколку операции и и беше ампутирана ногата.
– Тешки телесни повреди имаше девојчето. Четириесет дена борба водевме за нејзиниот живот. Имаше многу повредени системи, нагмечувања…Се боревме за нејзиниот живот, за жал, не ја добивме битката, рече д-р Мојсова и додаде дека изразуваат сочувство до семејството на девојката.
Несреќата се случи на автопатот Скопје – Тетово, кога автобус на компанијата „Дурмо Турс“ излета од патот и се преврте. Истрагата утврди дека причина за несреќата е комбинација од неприлагодена брзина и неисправни сопирачки на автобусот.
За случајот полицијата веќе уапси шест лица, меѓу кои сопственикот на компанијата „Дурмо Турс“, потоа првиот човек на техничката контрола, тројца вработени во техничката контрола „Авто-мото сојуз Гостивар“, возачот и лицето кое констатирало исправност на тахографот, иако во истиот имало уред за манипулација со брзината. Шестмината се гонат за кривично дело против безбедноста на луѓето и возилата во сообраќајот, а седмиот осомничен за несовесно извршување на задача.
Починатата девојка е 16-та жртва во несреќата кај Ласкарци.
