На денешната 79-та седница на Владата на Република Северна Македонија, по предлог на заменик претседателот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, Владата ја разгледа Информацијата за преземање мерки и активности за дигитализација на процеси и ги задолжи сите министерства да подготват измени и дополнувања на законските решенија кои опфаќаат дигитализација на процеси поврзани со постапки утврдени со закон и да ги направат сите подготовки за приклучување кон Националната платформа за интероперабилност.
Препораките се однесуваат и на единиците на локалната самоуправа и заедно со сите органи на државната управа треба да достават барање за пристап до податоците на Централниот регистар на население.
Цел на овие мерки и активности за дигитализација е Централниот регистар на население да стане точката од која ќе се добиваат информации за граѓаните за да се елиминира потребата тие лично да ги доставуваат податоците и документите и на тој начин да се забрзаат и автоматизираат процесите за издавање на голем број потребни документи и за нивна дистрибуција до граѓаните преку алатки за електронска комуникација.
Активностите за набавка на потребна информатичка опрема за непречено приклучување кон Националната платформа за интероперабилност треба да се преземат најдоцна до првиот квартал на 2022 година.