Eвропска кампања ќе водат ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на претстојните претседателски избори, најави денеска потпретседателот на партијата Владо Мисајловски, откако во ДИК и официјално ја поднесе кандидатурата на нивната кандидатка за иден шеф на државата Гордана Силјановска Давкова со поддршка од 17.000 граѓани.
-Денеска е убав ден за сите граѓани на Република Македонија, бидејќи имаме одличен кандидат, кандидат што ќе го прифатат мнозинството граѓани и ќе се обединиме кон една голема победа за Република Македонија, рече Мисајловски и ги повика сите граѓани да им се приклучат за да ја поведат, како што посочи, оваа борба и битка за правда.
Нагласи дека Гордана Силјановска Давкова е вистинскиот избор за иден претседател на државата и додаде оти очекуваат одлична кампања зашто има основа за добар натпревар при што ќе победи најдобриот, а според нив тоа е Гордана Силјановска Давкова.
Кандидатурата на Силјановска Давкова е поднесена од подносителот ВМРО-ДПМНЕ, рече Мисајловски одговарајаќи на новинарско прашање дали е поднесена под името Република Македонија или Република Северна Македонија.
