Министерот за правда Билен Саљији и заменикот Оливер Ристовски ќе се повлечат од Советот за реформи во правосудството, со цел да се одблокира процесот на работа на ова тело во Министерството за правда, дознава Макфакс.
Во овој совет членуваат вкупно 27 судии, професори, државни советници… Двајца од членовите се и министерот и заменикот.
Од кабинетот на министерот за правда медиумот не добил потврда на информацијата, но заменик министерот изјавил дека сите детали ќе бидат познати по завршувањето на утрешниот состанок на Советот за реформи.
Професорот на Правниот факултет во Скопје, Горан Калајџиев, неодамна поднесе оставка од членството во Советот, а оставки од повеќето членови на Советот за реформа на правосудниот систем најави и Мирјана Најчевска. Професорот Љубомир Фрчовски пак жестоко ги критикуваше работните групи во рамките на советот дека се кочничар на реформите.
Советот за спроведување на реформи во правосудството е дел од Планот 3-6-9 на Владата за реформи.