По цели две недели, лицата кои се најдоа во Дебар по прогласувањето на кризната состојба во општините Дебар и центар Жупа поради коронавирусот во карантин во хотелите во Бањиште , денеска го напуштија Дебар.
Тие по добиените решенија од страна на надлежните институции од Дебарските бањи Цапа од локалитетот во Бањиште со полициска придружба преку Полицискиот пункт „Бошков Мост“ заминаа за своите домови. Според градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, станува збор за 95 лица од кои најголемиот дел се наши државјани од неколку општини, како и странски државјани. Истите беа во хотелски карантин во Дебарските Бањи – Цапа две недели. Оваа група пред два дена беше вратена од полицијата кај пунктот „Башков Мост“ поради тоа што немале решенија за напуштање на карантинот .
Градоначалникот на Дебар Хекуран Дука информираше дека заминувањето од општина Дебар на наведените лица беше со полициска придружба, со претходно добиени персонални решенија за патување издадени од надлежните институции.
Во хотелите во Бањиште останаа 12 странски државјани од Шведска и Албанија кои престојувале како туристи во Дебарските бањи – Цапа, и се во очекување на амбасадите на нивните земји да достават барање за заминување.
Градоначалникот Дука денеска на средба со новинарите информираше исто така дека полицијата била принудена да преземе мерки на градскиот Зелен пазар заради тоа што имало повеќе луѓе кои не ги почитувале мерките на владата .