На смеее да се дозволи ЕУ да стане колективен судија за историски толкувања – за тоа што е правилно, погрешно, точно и лажно во изминатите стотици години од историјата на Балканот! Тоа би било големо отстапување од принципите што досега го регулираа процесот на проширување и кои се дел од нашиот подобрен пристап – транспарентност и предвидливост, истакнуваат министрите за надворешни работи на Чешка и на Словачка, Томаш Петричек и Иван Корчок, во зедничката колумна за Еуобсервер насловена „ЕУ не треба да биде судија за историски прашања“.
Особено, велат првите дипломати на Чешка и на Словачка, не смее да се дозволи таквите барања да станат формален дел од критериумите за пристапување, бидејќи ќе ја претвори ЕУ во арбитар на националните истории.
– Затоа, ние не поддржуваме никаква насока што би санкционирала толкување на историски прашања. Барањето да се постави обврска за Северна Македонија да ја поправи наводната погрешна интерпретација на историјата не е прифатливо. Дополнителни услови ќе го отворат патот за понатамошни билатерални барања во иднина, потенцијално комплицирајќи го целиот процес во годините или дури децениите што доаѓаат, оценуваат Петричек и Корчок.
Сметаат дека е потребен директен и предвидлив процес на проширување кој се заснова на мерливи критериуми, јасни заложби и политичка волја.
– Условите се бројни, а процесот на пристапување е веќе сложен и бара многу напори, затоа мора да избегнеме воведување елементи кои вклучуваат висок степен на интерпретации и емоции. ЕУ не е тука за да утврди кој е во право или не во врска со прашања поврзани со историјата, јазикот или идентитетот. ЕУ се заснова на единство во различностите, а не на пресуди и категоризации. Отворените историски билатерални прашања треба да се решат билатерално. Тоа не е лесен или краток процес, но може да се направи. Ние тоа го знаеме од сопственото искуство. Уверени сме дека пречките ќе бидат надминати, како и секогаш и ќе можеме да преминеме на следните чекори, на пр. да работиме под раководство на португалското претседателство на консензус за рамката за преговорите за Северна Македонија и Албанија, порачуваат Петричек и Корчок во текстот во кој го објаснуваат ставот на Чешка и на Словачка да не ги поддржат барањата на Бугарија кон Северна Македонија и предложените заклучоци од германското претседателство на Советот на ЕУ во декември лани.
Минатиот декември, Словачка и Чешка не беа во позиција да го поддржат нацрт заклучокот на Советот за проширување и, на наше изненадување, бевме етикетирани како проблематични кои се обидуваат да го комплицираат целиот процес.
Напротив, бевме принудени да дејствуваме за да спречиме проширувањето да биде вовлечено во историски прашања, а ЕУ во улога на арбитер. Затоа треба да ги разјасниме нашите мотиви. На силна ЕУ и треба силно и стабилно соседство. Тоа отсекогаш била една од клучните цели на политиката на проширување на ЕУ – да им се помогне на земјите со перспектива за членство во ЕУ да го прифатат правото на Унијата и нејзините вредности, како и да им понуди рамнправно партнерство. Благодарение на овој пристап Чешка и Словачка денес се наоѓаат во ЕУ. За нас, проширувањето не е само прагматичен елемент на амбициите на Унијата – да го подобриме своето место како глобален играч што не може да толерира малигни надворешни влијанија во соседството. Покрај тоа, се чувствуваме морално обврзани да им ја понудиме можноста за членство во ЕУ на другите европски земји, кои се подготвени да ги исполнат условите како што направивме и ние во минатото. Затоа го поддржуваме унапредувањето и продлабочувањето на политиката на проширување уште од влегувањето во ЕУ во 2004 година. – стои во нивната колумна.
Нашиот фокус сега е на земјите од Западен Балкан со цел да се обезбеди безбедност и стабилност на нашите најблиски соседи. – нагласуваат тие. Треба да ги задржиме нивните европски перспективи јасни и отворени. Спротивното би значело оставање на вратите отворени за надворешните сили кои се многу желни да се пробијат со цел да го расклопат и дестабилизираат европскиот проект. Ова е причината зошто ние секогаш сме биле силни поддржувачи на процесот на пристапување во ЕУ – тоа не прави само нашите соседи, туку и сите нас посилни и побезбедни.
Уверени сме дека пречките ќе бидат надминати, како и секогаш, и ќе можеме да преминеме на следните чекори, на пр. да работиме под раководство на португалското претседателство на консензус за рамката за преговорите за Северна Македонија и Албанија, наведуваат во заедничката колумна за „Еуобсервер“, шефовите на дипломатиите на Чешка и на Словачка, Томаш Петричек и Иван Корчок.