Дали е сега моментот за решавање на спорот за името и зошто? Може ли Македонија без ЕУ и НАТО? Како да се зачува идентитетот и дали е потребен референдум? Дилемите ги расчистуваат членовите на ИДСЦ.
Стереотипот вели дека ако човек од кој било дел на планетата седи со Британец, може скоро во секоја можна ситуација да ја прекине непријатна тишина и да започне разговор околу тоа какво е времето. Со човек од Македонија истото најверојатно би можело да се направи ако го прашате за спорот со Грција околу нашето уставно име. Името е тема околу која просечниот граѓанин на нашата држава има развиено експертиза подеднакво како и за ракометот. Познато е дека штом се приближува некое европско или светско ракометно првенство сите развиваме втор идентитет, на селектор на репрезентацијата и на врвен ракометен стратег. Слично е и за спорот со Грција. Тој трае толку долго и има значително директно и индиректно влијание на нашата реалност и политичко-економско-општествена состојба што и од најмала возраст сите жители на нашата држава се прилично детално упатени во генезата, дипломатските финеси, клучните настани, позитивниот и негативниот потенцијал од можните исходи од преговорите.
Човек кој се родил во 1991 година кога нашиот јужен сосед почнува да го проблематизира името на нашата држава денеска има 27 години. Во 1995, на 4 годишна возраст најверојатно само слушал како родителите коментираат околу потпишувањето на Привремената спогодба меѓу Македонија и Грција во Њујорк. На 15 годишна возраст, во 2006, најверојатно се вклучувал во домашните дискусии околу предлозите на преговарачот Нимиц и предлогот за двојната формула. Во 2008 година, на 17 годишна возраст најверојатно бил гневен и разочаран поради ветото за зачленување на Македонија во НАТО. Во 2010, на 19 годишна возраст, можеби го оправдувал, го критикувал или индиферентно го набљудувал поставувањето на статуата „Воин на коњ“ на плоштадот „Македонија“ во Скопје или го коментирал преименувањето на главниот автопат во државата – Е75 во „Александар Македонски“. Денеска овој човек наближува кон триесетата година од животот и последнава година интензивно слуша за прозорецот на можности за конечно решавање на спорот. Во недостаток на конкретни информации од преговорите и на единствена позиција и став на Институтот околу ова важно прашање членовите на ИДСЦС во полемика ги споделија своите размислувања на дел од тезите кои се присутни во јавноста периодов. Во овој блог ви ги пренесуваме поединечните размислувања:
Теза: Сега или никогаш
Дали Македонија е во најповолен историски момент за решавање на ова прашање? Дали нашата преговарачка позиција ќе се подобри или влоши во иднина?
– „Во меѓународните односи посилните го прават тоа што можат, послабите тоа што мораат. Притисоците врз Грција од страна на меѓународниот фактор до сега не ја подобрија нашата преговачка позиција и не гледам како тоа ќе се смени на краток или среден рок. Геополитичкиот интерес е на регионот, спремноста и постапките на регионалните лидери за надминување на билатералните споровите никогаш не била поголема, посветеноста на ЕУ да го интегрира регионот исто така. Сега му е мајката. Сепак , црното сценарио моментумот да пропадне не е нереално тоа сигурно ќе ја урне и онака кревката влада, која ги подигна премногу очекувањата на граѓаните. Тоа отвора нов циклус на избори, површно спроведени внатрешни реформи, подалечна европска перспектива…ќе изгубиме многу време, кое на нас ни е многу потрошено, а нашите генерации воопшто го немаат.”
– „Размислувањето дека проблемот со името ќе се реши токму оваа година не треба да се земе „здраво за готово“, бидејќи, доколку не се реши, степенот на разочарување може да биде преголем. Исто така, преголем „притисок“ проблемот да се реши баш оваа година (во краток временски период) може да се одрази негативно на целиот процес на преговарање. Од друга страна, чекање на некој иден „(по)погоден момент“ лесно може да се претвори во илузија и залажување. Досегашниот развој на преговорите не остава впечаток дека претстои простор за посеризно поместување на асиметричната поставеност на моќите на преговарачките страни (Грција – супериорна позиција, позиција на „инсајдер“; Македонија – инфериорна позиција, позиција на „аутсајдер“). Оттука, позитивниот моментум и желбата за дијалог кој дефинитивно постои помеѓу двете страни само може да ја олесни работата. Поради тоа „кој било момент“, особено во овој контекст, е погоден момент за постигнување на барем некаков договор кој ќе обезбеди минимална гаранција дека двете страни нема да ја одржуваат состојбата на status quo (игнорирање на проблемот, незаинтересираност), односно, во најлош случај, дека целиот процес нема да се сруши како „кула од карти“”
– „Досегашното искуство покажува дека чекањето на поволен момент не вродува со плод. Наместо да се чека поволен момент, треба да се засукаат рацете, впрегнат мозочните келии, седне на преговарачката маса и да се дојде до најповолно можно решение за Македонија. Притоа, треба да се земе моменталниот контекст – ЕУ зборува за нов момент во процесот на проширување, прв пат по големото проширување во 2004 година. Поради статусот на земји кои преговараат, за Србија и Црна Гора се нуди конкретна и јасна рамка, патека која треба да се изоди за да станат членки на ЕУ. ”
– „Сега. Затоа што требаше да биде решено во 1990ти доколку е точно дека предлозите кои денес се разгледуваат биле во некоја форма на маса уште од тогаш. Да имавме политичари со визија тогаш, сега ќе бевме во Европската Унија. Затоа што, да потсетам, во 2005-та година во Солун бевме лидери во регионот на ниво на Хрватска.”
Теза: Не го менувам името, можеме без НАТО и ЕУ, Швајцарија на Балканот?
Кои се алтернативите надвор од ЕУ и НАТО и дали Македонија има внатрешен капацитет за политичка и економска консолидација надвор од овие сојузи?
– „Досега издржавме сами, зошто не би издржале. Дали за тоа што би го добиле од НАТО и ЕУ вреди да се направи отстапка? Вакви размислувања често може да се слушнат во јавноста. Слични дилеми имало во сите држави пред нивното зачленување во двата сојузи. И тоа овие дилеми секогаш биле пропратени со далеку поголем суштински евроскептицизам отколку што е случајот кај нас. Сепак би пристапил кон оваа дилема од спротивната страна. Не е толку прашање што членството може да ни донесе и дополни како вредност, туку дали имаме капацитет да опстанеме самите во актуелните услови во светот. Во изминатиот период во кој останавме во чекалницата на ЕУ самите успеавме да ги заработиме епитетите заробена, партизирана, корумпирана, политички и етнички поделена држава. Бранот на иселувања на младите образувани и квалификувани луѓе не стивнува и веќе се поставува прашањето дали досега не отидоа премногу такви луѓе односно дали тие што останаа се доволни и имаат сила да направат позитивна промена во општеството? Политичката култура од независноста наваму само се деградира, а политичката тензија само се надградува. Аналитичарите проценуваат дека во целиот регион како никогаш досегасе испреплетуваат јавни и лукративни интереси на светски и регионални сили. Секоја со своите интереси кои често се спротивставени и конфликтни. Прогнозите велат дека во следните декади ќе бидеме изложени и на сеопфатни климатски промени и можни природни несреќи, а само во еден силен пороен дожд и невреме во скопскиот регион дозволивме да загинат дваесетина сограѓани. Откривме дека немаме ниту чамци, ниту чизми, ниту пумпи за вода. Откривме дека институциите немаат искуство и знаење како да се справат со екстремни услови. Оттаму, дилемата не ми е дали членството ќе ни даде дополнителна вредност, туку уште колку долго можеме да опстанеме самите со себеси.”
– „НАТО ни е потребен за гарантна нашата безбедност и стабилност. Надвор од преговарачкиот процес со ЕУ и надвор од членството, ЕУ нема механизми за конкретен притисок и условување на Македонија за подобри инстуции, потранспарентни и домаќински задолжувања, правични судски процеси и владеење на правото воопшто. Да, можевме сето тоа да го унапредиме самите, со одговорни и посветени елити, но ете за 27 години не само што не го постигнавме туку и ги влошивме работите. Дали ова не опамети, јас мислам не. Потребно ни е реално менторство и реални можности за притисок ако назадуваме во демократски стандарди.“
– „Македонија не е, и не може да биде Швајцарија, па дури и на Балканот. Нашите капацитети, човечки и институционални, се доста ограничени. Оттука единствениот гарант за нашата безбедност и внатрешна кохезија е токму членството во ЕУ. Суштинска контрадикција постои помеѓу заложбите на сите досегашни влади, од осамостојувањето наваму, да се интегрираме во ЕУ и одбивноста да се реши спорот за името, кој нужно води кон промена на нашето уставно име – Република Македонија. Она што нашите лидери не успеваат да го објаснат на општеството и македонскиот народ, дека решение ќе биде болно и нужно ќе предизвика промени. И тоа е цената која треба да ја платиме како народ, општество и држава за да влеземе во ЕУ. Секако, на овие услови можеме и да не се согласиме и да ги напуштиме преговорите, но истовремено било која Влада, или лидер, треба да објасни кои се последиците од не зачленувањето. Сепак, и моменталното статус кво има своја цена која ја плаќаме сите ние колективно.”
– „Доколку јавното мислење во Грција во однос на спорот се рефлектира низ процесот на преговори (68% против терминот „Македонија“ да се содржи во решението), тешко е да се каже дека ќе дојде до решение. Во неколку наврати досега беше посочувано дека оптимизмот од двете страни не е доволен сам по себе и истиот нема да го реши долгогодишниот спор. Ваквото сценарио има потенцијал да даде сила на аргументите од раните 90-ти на многумина кои сметаа и уште сметаат дека Македонија треба да остане неутрална во воено-политичка смисла и да не членува во воен сојуз како НАТО. Дополнително, застапувачите на тезата дека членството во ЕУ ќе наштети на Република Македонија од аспект на нејзиниот политички и економски суверентитет ќе добијат поволно опкружување за промоција на своите тврдења.“
– „Ваквиот начин на размислување нема основа во реалноста и истиот треба да се обесхрабрува бидејќи не нуди никаква (реална) алтернатива и претставува своевидна манипулација со јавноста. За жал или за среќа, времето покажа дека новите демократии во Централна, Источна и Југоисточна Европа немаат друга (реална) алтернатива освен членството во ЕУ. Колку и надмено да звучи ваквото тврдење, праксата покажала дека кога овие држави, особено ако се работи за поделени и постконфликтни општества, се надвор од аранжманите на ЕУ, тие лесно стануваат плен на другите сили инволвирани во процесите во регионот. Вредносно, овие сили се антипод на сето она за што новите демократии (барем декларативно) се залагаат – либерална демократија, слободен пазар, неазвисни институции и почитување на човековите права. Намерите и интересите на авторитарните играчи (алтернативи) како Русија, Турција и Кина, во смисла на тоа како треба да бидат уредени младите демократии во регионот, ниту се наивни, ниту невини како што изгледаат на прв поглед.”
– „Можеме да издржиме и без ЕУ и без НАТО. Јас лично и не би сакал да бидеме дел од воен сојуз како НАТО. Но не е прашањето дали можеме да издржиме како држава, туку какво општество сакаме да бидеме. Ако за да го постигнеме потребното ниво на општествен развој ни е потребно да бидеме дел од ЕУ, со помошта која би ни следувала и тоа е повеќе од трошокот за членство, тогаш математиката си го кажала своето. Исланд сакаше да биде дел од ЕУ, но пресмета и сфати дека не му е потребно. Нека крене рака во Македонија тој или таа што може да каже дека сме способни да бидеме како Исланд.”
Преостанатите три тези, Имам должност пред предците да останам Македонец/ка; Да не не е само името, што ако бараат да се менува идентитет; и Мораме сите да одлучиме на референдум, не може политичарите да одлучуваат за нас, на Дојче веле можете да ги погледнете на следниот линк.