„Медена земја“ не е филм за мед и не носи слатка порака. Таа е освестувачка и бара од нас да размислиме како се однесуваме кон животната средина, како влијаеме на балансот кој го прави природата и колку на сметка на конзумеристичкото однесување често забораваме дека земјата е нашиот прастар родител, колку ние ќе се грижиме за неа, така таа ќе ни врати назад. Квалитетните уметнички и културни продукти кои доаѓаат од нашата земја придонесуваат за наша промоција и афирмација во светот и затоа треба да бидат поддржани соодветно според надлежностите и можностите на секоја институција.
Како претседател се залагам за еднакви можности за сите граѓани и се надевам дека ќе успеам постојано да давам простор и поддршка на креативниот потенцијал кај нас. Наскоро „Медена земја“ ја има својата македонска премиера и се надевам ќе уживате и ќе си дозволите пораката на овој филм да ве насочи барем кон една промена за поголема грижа за природата. – порача претседателот Стево Пендаровски откако со сопругата Елизабета го гледаа филмското остварување „Медена земја“.