Претседателот Стево Пендаровски по повод еврејскиот празник на светлината – Ханука упати честитка до Берта Романо-Николиќ, претседател на Еврејската заедница на Република Северна Македонија и до сите нејзини припадници.
– Ханука е потсетување на воената победа на Макабејците со која Евреите ја одбраниле фундаменталната слобода на вероисповед, го ослободиле Ерусалим и, палејќи ги свеќниците на Менората, одново го посветиле Храмот. Но, Ханука е и празнување на една потрајна духовна победа. Еврејскиот народ успеа да ги преживее сите раселувања, прогони, погроми што кулминираа со холокаустот затоа што не се откажа од надежта. Во таа смисла, светлината на Ханука трае до ден денес, пишува Пендаровски во честитката.
Надежта ни е особено потребна, вели претседателот, во овој период на глобална неизвесност поради пандемијата на КОВИД-19, посочувајќи дека и покрај бројните предизвици, мора да продолжиме да градиме солидарно, праведно и слободно општество во кое ќе се почитува вредноста на човековиот живот и различноста како вредност на општеството.
-Уверен сум дека Еврејската заедница ќе продолжи да дава значаен придонес кон нашата заедничка иднина. Честитајќи го празникот на светлината и надежта, на сите припадници на Еврејската заедница во земјава им посакувам мир, благосостојба и пред се, многу здравје. Хаг Ханука Самеах, напиша шефот на државата во честитката по повод Ханука.