По повод Денот на Европа 9 Мај, на „ЕУ Појадокот”, организиран од Секретаријатот за европски прашања, се обратија новоизбраниот претседател Стево Пендаровски, вицепремиерот Бујар Османи и евроамасадорот Самуел Жбогар.
Пендаровски во обраќањето пред ЕУ амбасадорите рече дека изборите што завршија не беа толку битни за неговата победа, туку дека беа чисти и демократски.
Тоа, како што рече Пендаровски, е само еден дел од она што земјава може да и го понуди на Унијата пред претстојниот самит во јуни, кога очекуваме одлука за почеток на преговори.
– Мојата главна цел како претседател во наредните пет години, покрај членството во НАТО и ЕУ, е да бидам и обединувач на нацијата, која е толку многу поделена во минатото. И од првиот ден на моето стапување на функцијата ќе работам со опозицијата, со граѓанскиот сектор, со медиумите, со сите оние што ја споделуваат заедничката цел, а тоа е да бидеме полноправна членка на ЕУ и НАТО, и да бидеме вистински Европејци, рече Пендаровски.
Тој на амбасадорите им кажа дека земјава чека добри вести од престолнините на ЕУ во последните десет дена од месецов, како и од престолнината на Унијата Брисел во јуни.
– Не се сомневам дека сите вие посветено ќе ја поддржите нашата цел, нашиот главен мотив после толку време во чекалницата, а тоа е членството во Унијата, им порача новоизбраниот претседател на амбасадорите.
Пендаровск иго честита денот и на својто ФБ профил каде напиша:
„Денеска го одбележуваме Денот на Европа, ја славиме победата врз фашизмот, победата на слободата, демократијата и сите вредности кои ги застапуваме пред сѐ како луѓе, но и како политичари. Токму ние ја имаме одговорноста овие вредности да ги преточиме во заложби, а според нив да изградиме европска држава, вистински праведно, хумано и напредно општество кое ќе им служи на своите граѓани. Честит Ден на Европа!“
