Ангелка Пеева Лауренчиќ од Либерално-демократската партија во денешното гостување на ТВ24 изјави дека Македонија не ја изгубила приказната со Европската унија туку само е забавена. Пеева смета дека оваа одлука на Унијата иако во моментов е емотивен шок за граѓаните, сепак може да отвори други можности за државата.
„Разочарувањето од Европската Унија во моментов го чувствуваме како емотивен шок, се чувствуваме изгирани, но таа острица ќе омекнува со текот на времето и до изборите сметам дека ќе има многу можности кои ќе се отворат токму поради ова неодлучување. Овој неуспех може да биде предизвик и да отвори нови врати насочени кон интеграцијата на ЕУ. Користење на повеќе фондови и инвестиции. Во минатиот период најголем број реализирани проекти направила ЕУ, тоа се капитални објекти. Автопатот Демир Капија – Смоквица и уште многу голем број дирекни инвестиции. Ние не сме ја изгубиле приказната со ЕУ, само сме ја забавиле. Ќе биде многу тешко да се објасни тоа на гласачите“, вели Пеева.
Таа додава дека влезот во НАТО ќе биде добра вест, и се надева дека нема да има изненадување како со датумот за ЕУ. Како што вели Пеева, влезот во НАТО е голем исчекор за земјата кој ќе донесе поголема стабилност во регионот.
Таа додава дека најважно за предвремените парламентарни избори е македонските и албанските водечки политички партии да го мобилизираат членството да биде активно, да излезе да гласа и да привлече нови гласачи бидејќи само на тој начин ќе се искаже вистинската волја на граѓаните.