„Точно е дека во последните два дена не одам на работа, бидејќи немам пристап до работните простории (официјалната канцеларија), а причина за тоа е нелегалното менување на бравата. Одговорно тврдам дека наведените причини во предупредувањето се лажни и можам да ги демантирам точка по точка. Имено, во случајот се работи за политички пресметувања со неистомислениците. Димитар Апасиев немајќи политички капацитет аргументирано да се бори за ставовите што ги застапува, превзема вакви гнасни и ниски мерки кон оние кои му се спротставија и не дозволија да тој од партијата направи националистичка партија“. Вака на својот фејсбук профил партиската секретарка на Левица, Џејлан Велиу, го обвини Апасиев за мобинг.
Таа објави предупредување пред бркање од работа, потпишано од Апасиев, поради незадоволство од нејзиното поведение. При тоа Апасиев и дава на партиската секретарка рок од пет дена да го подобри своето поведение, во спротивно ќе и биде врачен отказ.