Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со министерката за правда, Рената Дескоска денеска се обратија на заедничка прес конференција на којашто најавија дека во владина постапка влегува Законот за прекршоци во кој се предвидуваат измени за намалување на висината на казните за правните и физички лица со што се воведува разумна казнена политика. Премиерот Заев во своето обраќање истакна:
Во нашата изборна програма ветивме менување на казнената политика. Ветивме дека превенцијата ќе биде темел на казнената политика, дека прво ќе се изрекува опомена за прекршок, а потоа ќе следи казнување. Ветивме дека казните ќе бидат прорционални на приходите на деловните субјекти.
Ветувањето го остваруваме. Во владина постапка влегува Законот за прекршоци со кој воведуваме разумна казнена политика.
Глобите ги правиме пропорционални на тежината на прекршокот, а казната за прекршок, не треба да го отежни животот на граѓаните, туку да доведе до корекција на нивното однесување.
Предвидуваме намалување на глобите за физичките лица за 75%. Со новото решение, минималната глоба за физичко лице е 15 евра, а максималната глоба ќе биде 250 евра, наместо досегашните 1000 евра.
За правните лица, при одмерување на глобата ќе се води сметка за приходот остварен во претходната година, број на вработени и претходно санкционирање за исти или слични прекршоци.
Во законот првпат се прави градација помеѓу малите, средни и големи претпријатија.
За малите претпријатија, минималната глоба ќе биде 50 евра, а максималната 2,000 евра. За споредба, во стариот закон максималната глоба изнесуваше 5,000 евра – што значи глобите за малите претпријатија се намалуваат за два и пол пати.
За средните и големите претпријатија минималната изречена глоба ќе биде 250 евра, додека максималниот износ на изречана глоба не може да биде поголем од 10.000 евра.
Според постојниот Закон за прекршоците, трговецот поединец се третира како правно лице, и му се изрекува двојна санкција и како правно лице и како одговорно лице во правното лице. Ова се надминува со новиот закон бидејќи трговецот поединец ќе се третира согласно Законот за трговските друштва како физичко лице.
Сепак, за одредени прекршоци ќе мора и ќе може да се изрекуваат и повисоки глоби и тоа:
– За прекршоци од областа на даноците, царините, јавните набавки, јавните финансии и јавниот долг може да се пропише глоба во поголем износ во зависност од затаената давачка или износ на набавката, но најмногу во двократен износ. Тоа е интерес од јавен карактер кадешто буквално се избегнуваат големи даноци или е јавна набавка кадешто има влијание јавен функционер.
– За прекршоци во областа на заштита на здравјето на луѓето, заштита на природни богатства, животна средина, заштита на културното наследство, заштита од природни и други непогоди, може да се пропише трикратен износ на глоба. Со тоа правиме јасна дистинкција што е важно,а што е човечно во прекршочната постапка
– За прекршоци од областа на конкуренција,енергетика, електронски комуникации, трговија со забранети или ограничени стоки за употреба, може да се пропише глоба до 2500 евра за физичко лице или 10% од приходот на правното лице во претходната година.
Пред глоба, може да се изрече опомена. Опомена се изрекува ако прекршокот се состои од неисполнување на пропишана обврска или е нанесена штета, а сторителот пред донесување на одлуката за прекршок ја исполнил пропишаната обврска, односно ја отстранил или надоместил штетата.
Или, во случаи кога прекршокот е сторен за прв пат и не предизвикал штетни последици, ниту го загрозил јавниот интерес.
И оваа интервенција беше едно од ветувањата во изборната програма.
Го реализираме ветувањето дека превенцијата ќе биде темелот на казнената политика, и дека казните нема да бидат драконската мерка за полнење на буџетот.
Инспекциските служби нема да бидат инструмент за репресија и политички притисоци, а едукацијата по изречената опомена нема да биде формален, туку вистински инструмент за почитување на законот, за поспокојни даночни обврзници.
Заедно со веќе намалените трошоци за извршување, ги обединуваме правичните политики за правна сигурност и за чувство на граѓаните дека државата е нивни сервис и партнер во остварувањето на нивните интереси.