Во касарната „Илинден“ денеска е отворено новото заедничко стрелиште на Армијата и на МВР за гаѓање со пиштол и автомат за деветмилиметарски калибар на муниција.
Пуштањето во употреба на овој вежбовен објект, како што рекоа министрите за одбрана и за внатрешни работи, Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски, е уште еден конкретен и важен потег во насока на остварување поквалитетна обука и подготовка на полициските и воените специјалци што е, пак, предуслов за зачувување на безбедноста на државата.
Според Шекеринска и Спасовски, модерноста на објектот, неговите техничко-тактички перформанси, согласно европските и НАТО стандардите, специфично одбрани и реализирани, гарантира не само поинтензивна, туку и специјализирана обука на оперативно делување што подразбира натамошно зголемување на професионалните капацитети на безбедносните единици.
– Немам дилема дека заеднички направивме уште еден успешен проект, насочен кон зголемување на оперативната моќ и опсегот на полициските и армиските специјалци, во нивната професионална подготвеност и обученост да делуваат во рамките на своите надлежности. Притоа, јасно го демонстриравме веќе установениот континуитет во подобрување и унапредување материјално-техничките капацитети на припадниците на двете министерства, како дел од севкупните општествени реформски зафати што ги преземаме изминативе неколку години, истакна Спасовски.
Тој напомена дека спроведувањето на законите, вклучително и на оние кои ја тангираат безбедносната сфера од живеењето, не значи само нивно нормативно почитување, туку бара и други претпоставки за да може да се гарантира оперативна ефикасност.
– Еден од тие предуслови е комбинирано и истовремено квалитетна професионална обука на сите припадници безбедносните служби, кои по словото на законите и според своите обврски и надлежности кои произлегуваат, имаат улога да бидат непосредни актери на остварувањето на безбедносната заштита на правниот поредок, на материјалните добра, на животот и сигурноста на секој наш граѓанин, рече Спасовски.
Министерот нагласи дека во организациската поставеност и на Министерството за внатрешни работи и на Министерството за одбрана, една од фундаменталните оперативни позиции им припаѓа на припадниците на специјалните единици во двете институции, полициски и воени.