Заменик претседателот на македонската влада, Кочо Анѓушев, заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши и директорот на Индустриско-технолошките развојни зони, Александар Младеновски, во присуство на сопственикот Ахмет Короглу го означија отпочнувањето со работа на фабриката Чагатај Кабло, во ТИРЗ – 1 Скопје.
Анѓушев оцени дека индустријализацијата на земјава со поголем интензитет и забрзано темпо ќе обезбеди подобар живот за граѓаните на Македонија. И тука бројките зборуваат немилосрдно, оцени Анѓушев.
„Кога зборуваме за економија секогаш зборуваме со бројки. А тие излегуваат од статистика и многу јасно ги кажуваат трендовите. А трендовите се следни, дека јули 2018 споредено со јули 2017 година, индустриското производство бележи раст од 8,4 %. Ова јасно покажува дека индустрискиот раст на РМ ќе биде двигател на економската политика на владата. Ние и понатаму ќе бидеме посветени кон отворања на нови фабрики и сакам да ви кажам дека во наредниот период ќе бидеме присутни скоро секоја недела или на започнување со градба или на отворање на нова фабрика. Тоа е одговор на сите критики коишто досега ги слушнавме. Денеска од Народна Банка на РМ излезе официјалната статистика. Првото полугодие во РМ во 2018 година има 327 милиони евра странски инвестиции, повеќе од кое било полугодие во претходните три години или 215% повеќе од просекот од тие три години. Мислам дека ништо подобро не зборува од бројките во економијата и подобро не ги покажува резултатите“, изјави Анѓушев.
Бектеши, поздравувајќи го отпочнувањето со работа на оваа странска инвестиција, рече дека ова говори за мултиплицирање на ефектот од странските инвеститори и зголемување на додадената вредност, па наместо од увоз, таа вредност се создава кај нас.
„Радува податокот што оваа инвестиција е уште еден доказ дека инвестицискиот циклус од Турција, која во изминативе 10-тина години се позиционираше во првите топ 10 инвеститори, продолжува. Причините за тоа ги гледам во традиционално добрите трговски односи меѓу нашите две земји како и во економскиот и инвестиционен потенцијалл на оваа земја кои ја прават посакуван инвеститор во Република Македонија“, рече министерот Бектеши.
Тој исто така потенцираше дека е уверен дека Чагатај Кабло ќе придонесе кон понатамошниот раст на извозот.
Александар Младеновски, директор на Дирекција за ТИРЗ искажа посебна благодарност до Владата на Република Македонија, за, како што рече, нивната поддршка при реализацијата на оваа и сите други инвестиции, без оглед на регионалната поставеност, со цел подобрување на економската состојба во државата.
„Ова е пример дека дадениот збор има тежина, а ветувањата пред граѓаните се давааат да бидат реализирани“, рече Младеновски.
Сопственикот на Чагатај Кабло, Ахмет Короглу, се заблагодари на сите кои придонесоа да се развие соработата на двете пријателски земји кои имаат многу слична кутура.
„Како втора фаза на оваа наша ивестиција планирме да изградиме 10 000 метри квадратни простор и да вработиме уште 300 лица, со што ќе достигнеме до 6 милиони евра инвестиција“, рече Короглу.
Чагатај Кабло постави камен теменик во септември минатата година, а моментално вработува 60 лица. Компанијата произведува кабли и електрични инсталации за автобуси и земјоделска механизација, а во Скопје доаѓа како добавувач на белгискиот производител на автобуси, Ван Хол.