Министерот за култура Хусни Исмаили престојува во работна посета на Истанбул, Република Турција, каде што денеска се обрати на свеченоста со која беше отворен Kултурно-информативниот центар на Република Северна Македонија во овој град.
Во своето поздравно обраќање министерот Исмаили истакна дека во годините што следуваат Центарот ќе биде главно средиште за претставување на уметниците и проектите од Република Северна Македонија во Истанбул. Тој потсети дека Владите на Република Турција и на Република Северна Македонија претходно потпишаа Договор за основање и активности на културните центри, кој е резултат на големиот број проекти што се реализираа во двете земји и кои со голема динамика ја продлабочија и ја унапредија билатералната соработка меѓу двете држави.
„Во согласност со Договорот, Република Северна Македонија го доби овој простор во зградата „Сејран“, која има статус на културно наследство и се наоѓа во централното градско подрачје, на плоштадот „Таксим. Проектите и програмите кои ќе бидат презентирани во КИЦ-от ќе бидат потврда за нашите заеднички заложби да ја продлабочиме културната билатерална соработка меѓу нашите две пријателски држави. Министерството за култура, како и досега така и во иднина, ќе ја дава својата поддршка за што поинтензивна промоција на културата во Истанбул, а овој простор, убеден сум, во многу скора иднина ќе прерасне во вистински центар на културата, соработката и пријателството“, истакна министерот Исмаили.
Тој додаде дека Република Турција, пак, го доби на привремено користење од 10 години културното добро „Куршумли ан“, кое во овој период ќе биде и комплетно реставрирано. Процедурата за регистрирање на КИЦ на Република Турција во Скопје е веќе завршена, издадени се Одобрение за конзервација и реставрација на објектот „Куршумли ан“ и Решение за назначување на овластен архитект за вршење надзор над изведувањето на работите за непосредна заштита, а е извршено и предавање на клучевите од објектот „Куршимли ан“ на директорот на Институтот „Јунус Емре“.
Во своето обраќање, министерот за култура упати благодарност до директорот на Културно-информативниот центар во Истанбул, Рамадан Рамадани, на кого му посака многу успех во натамошната работа, до Владата и до Министерството за култура на Република Турција, до претставниците на надлежните министерства за култура и за надворешни работи, со чија поддршка следуваше реализацијата на оваа иницијатива.