Официјално почнува со работа новиот мал групен дом во Тимјаник, Неготинско. Од денеска тука ќе бидат сместени четири деца од Специјалниот завод Демир Капија.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, изјави дека недоразбирањата во Тимјаник се надминати, а децата се преселени во малиот групен дом. „Никогаш не се сомневав во хуманоста на нашите граѓани. Жителите ни дадоа поддршка на она што го правиме. Верувам Тимјаник ќе биде и ќе остане симбол на хуманоста на нашето општество, а жителите ќе се гордеат со тоа“, изјави министерката Царовска.
Децата во новиот мал групен дом ќе имаат 24-часовна поддршка од лични асистенти, специјализирани индивидуализирани програми за работа и дефектолошки третмани. Близината на училиштето и локалната заедница ќе им овозможи на овие деца полесно и побрзо да се вклопат во општеството.
„Деинституционализацијата е тежок збор, но има убаво значење – а тоа е дека секој заслужува место кое ќе го вика ‘дома’. Да се обезбеди за сите деца и возрасни со попреченост да ги уживаат своите права, вклучувајќи го и правото да живеат во нормални домови во заедницата – ова е приоритет за УНДП и за целото семејство на Обединетите нации. Ние сме горди што ја поддржуваме Владата во спроведувањето на заложбата за деинституционализација”, изјави постојаната координаторка на ООН и УНДП, Луиза Винтон.