Освен Кастриот Реџепи, уште еден пратеник од Беса станува дел од парламентарното мнозинство?!

Движењето БЕСА денеска одржа состанок на Централното претседателство. Во соопштението испратено до медиумите, меѓу другото, партијата на Касами изразува загриженост дека власта врши притисок врз пратениците на Беса.

„Апелираме до актуелната власт СДСМ-ДУИ итно да престане со притисоците со сите можни форми што се вршат врз пратениците на Движењето БЕСА. За ова прашање ја информиравме и меѓународната заедница во оваа земја. Дејствијата за нарушување на професионалниот интегритет на пратениците и притисокот што се врши врз нив е уште еден доказ дека демократијата и слободното политичко дејствување во Северна Македонија се ставаат во опасност“, се вели во соопштението на Движењето Беса.

Но, дали е ова предупредување дека после Кастриот Реџепи, друг пратеник на Беса ќе излезе против партијата или ќе ја напушти?

Во моментов парламентарното мнозинство има 59 пратеници.

Дополнително, ТВ21 од свои извори дознава дека најверојатно уште еден пратеник на Беса ќе се приклучи во парламентарното мнозинство.

Инаку, се повеќе се зборува дека Алтернативата со своите 4 пратеници може да стане дел од Владата. Официјално нема конкретна понуда или јавен чекор, но пратеничката Петровска од СДСМ, како што изјави за ТВ21, смета дека лесно може да се најдат заеднички јазик со Алтернативата.

Доколку се реализираат овие пресметки, мнозинството би достигнало до 65 пратеници.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e