Во Македонија 42 од општините го депонираат отпадот, а регионални депонии користат 14 општини. Само 19 општини во земјава вршат делумно селектирање на отпадот, информира на денешната работилница во Велес државниот советник во Канцеларијата на Народниот правобранител, Нико Бојаџиев повикувајќи се на истражувањето за депонирање и управување на отпадот во 2016 година спроведено од тимот на Омбудсманот.
– Загрижува податокот што голем дел од општините во земјава скоро и да не посветуваат никакво внимание за заштита на животната средина и заштита на здравјето на луѓето. Во најголем дел од селските – рурални населби сметот не се собира и се расфрла насекаде. Затоа диви депонии никнуваа насекаде покрај патиштата, шумите, плажите, реките и буквално насекаде каде што им одговара во нивна непосредна близина, а без почитување на законот, потенцира Бојаџиев.
Како што појасни Бојаџиев, Националниот план за управување со отпад предвидува затворање на сите постоечки депонии и нивна замена со регионални депони кои што ќе бидат најсивремено изградени, а согласно ЕУ стандардите за складирање и управување на отпад, а каде истиот и ќе се рециклира и во најголем дел ќе се искористи за добивање на енергија.