Министерството за труд и социјална политика го објави јавниот повик до општините за финасирање на проектот за развој на социјални услуги на локално ниво. Крајниот рок за доставување на понудите е 30 април годинава до 16 часот.
Една од главните цели на проектот е развој и подобрување на квалитетот на социјалните услуги во локалните заедници, согласно со потребите на граѓаните и зголемување на пристапот до социјалните услуги наменети за ранливите групи на граѓани, постарите лица, лицата со попреченост и други лица, за што се обезбедени вкупно 10,8 милиони евра, за период на имплементација од 5 години, информираат од Министерството.
Приоритетни социјални услуги коишто ќе бидат финасирани се: услугите во домот-лична асистенција и помош и нега во домот, како и услугите во заедницата-дневни услуги/дневни центри и поддржано живеење.
На Општините коишто ќе изразат интерес за добивање грант за развој на социјални услуги, ќе им се обезбеди директна поддршка за подготовка на документите за апликација, вклучувајќи ги и предлог-проектите од страна на компанија ангажирана за таа цел во рамките проектот, како и поддршка од страна на лицата ангажирани во рамките на проектната единица.