Засега нема да има нова пратеничка група во законодавниот дом а 8 те пратеници кои опозицијата ги исклучи од своите редови поради поддршка на уставните измени ќе делуваат независно. Сепак се уште во целост не се исклучува можноста за понатамошно и евентуално ново пратеничко делување во законодавниот дом. По повиците на ВМРО ДПМНЕ пратениците кои ги поддржаа уставните измени да го вратат мандатот и да си поднесат оставки, за сега ниту еден од нив не најавил такво нешто ниту пак има таков план. Во меѓувреме превирањата во најголемата опозициска партија и денеска продолжуваат . Поранешниот министер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Тодоров и денеска во отворено писмо до претседателот на ОК Карпош упати повик за состанок на кој тој ќе го изнесе својот став потенцирајќи:
Барам да ме повикате на состанокот на ОК, да ми ги презентирате фактите и доказите против мене, да ги слушнете мојте аргументи, и потоа да ја донесете одлуката.
Да те потсетам Тони, и во социјализмот/комунизмот постоеше и се применуваше ова правило во сите случаи освен кога стануваше збор за политички ликвидации и политички монтирани случаи. ВМРО се бореше против тоа и за жал и самото беше жртва на таквите политички ликвидации и конструкции.
Екс премиерот Груевски и почесен претседател на партијата кој остана недопрен во партиската чистка денеска во изјава за медиумите рече оти не ги знаел сите аргументи и докази на раководството поради кои ги донело овие одлуки и поради тоа ќе остане воздржан од било какви коментари но вели согласен е дека сака посилно ВМРО-ДПМНЕ .
„Јас не ги знам сите аргументи и особено сите докази со кои располага раководството на ВМРО-ДПМНЕ и врз што ги темели своите одлуки. Поради тоа би се воздржал од коментар да не погрешам. Сигурно знам дека посакувам силно, обединето и победничко ВМРО-ДПМНЕ кое брзо ќе го урне ова зло кое го има Македонија“, вели Никола Груевски – ВМРО ДПМНЕ
Превирањата во белата палата кои резултираа со исклучување на членови и разрешување од нивните функции во ВМРО ДПМНЕ предизвикаа низа реакции во јавноста деновиве. На овие одлуки веќе се огласија и градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев , екс диреткторот на УБК Сашо Мијалков, и Костадин Богданов. Токму тие како и пратениците кои ги поддржаа уставните измени беа прогласени за предавници од страна на партијата , а и вчера ваквиот став уште еднаш го потврди лидерот Мицкоски на обраќањето по повод денот на револуционерната борба.
Извор: 24Вести
