Одекнуваат бомби во „Титаник“: Протоѓер до Јанакиески – дај му на Кире податоци за цигани-мигани, све живо

Во Кривичниот суд оддекнуваат „бомби”, предложени како доказ за случајот „Титаник”, односно за изборните манипулации во 2011 или 2013 година, за што обвинето е претходното  раководство на ВМРО-ДПМНЕ, на чело со екс премиерот Никола Груевски.

Прислушуваните разговори кои денеска се слушаат се однесуваат на предвремените парламентарни избори, кои се оддржаа на 5 јуни 2011 година.

Протоѓер на 4 дена пред парламентарните избори во 2011 година, на Јанакиески му вели:

„Дај му на Кире податоци за цигани, мигани, све живо. Денеска до 3 да завршите работа со исплата со се. Купени се вишe пола”.

Потоа во разговор меѓу Јанакиески и Кирил Божиновски се зборува за организирано носење на гласачи од Италија.

-Миле твоја ли е генијалнава идеја со шест автобуси да носиме гласачи од Италија?, го прашува Божиновски министерот Јанакиески.

Тој пак му се правда и вели: „Мартин ми рече”.

По ова Божиновски пресметува и вели дека на тој начин би дошле 300 гласачи по што ја прекинуваат комуникацијата.

Во друг разговор, обвинетата Катерина Веловска на Миле Јанакиески му вели дека работи интензивно во кол-центарот:

„Вртиме на списоците што ги собираше ти. Само на одговорните вртиме, на никој друг”.

Во следен разговор соговорник го прашува Миле Јанакиески на денот на изборите 5 јуни 2011 година, дали почнале да ги читаат од СДСМ на глас во избирачките одбори: „Почнаа ли да ги читаат овие од СДСМ на глас?” Миле раскажува дека станал рано во 6.50 и бил по избирачките места.

Во предметот обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e