Советникот на ВМРО ДПМНЕ во општина Гази Баба, Александар Трајковски, како еден од првообвинетите во процесот на СЈО за насилството во Центар кога Андреј Жерновски беше градоначалник, со месеци не се појавува на судските процеси.
Оправдувањата се секогаш дека е зафатен со обврските како советник, па обвинителката Фатиме Фетаи на последното рочиште пред една недела побара негово стражарно приведување.
Трајковски и вчера држеше прес конференција, на која побара оставка од градоначалникот на општина Гази Баба, Борче Георгиевски.
Тој го обвини градоначалникот за злоупотреба на службена положба и кршење на закони.
,,Градоначалникот на Општина Гази Баба спротивно на Законот за Локална самоуправа и Деловникот за работа на Советот на Општина Гази Баба свикува седница на Советот на Општина Гази Баба, иако од страна на претседателот на Советот е известен дека 16-тата седница на Советот ќе се одржи на 15 ноември, седница на која на дневен ред ќе се разгледуваат детални урбанистички планови и други точки од интерес на граѓаните на Општина Гази Баба“- обвини Трајковски.
Александар Трајковски беше во преден план на сите видео снимки од нападот на приврзаници на ВМРО ДПМНЕ на Жерновски и советниците од СДСМ во 2013 година.
Тој е еден од клучните за насилството во општина Центар, што се потврди и од прислушуваните разговори.
Извор: Ако
