Обраќање на Иванов во ОН

Светот се наоѓа на крстосница на бројни кризи и во состојба на нестабилност. Конфликтите доведоа до големата мигрантска криза во Европа. Македонија од независноста се соочува со постојани и директни закани од земји членки на ЕУ и на НАТО или под управа на ОН, изјави Претседателот Ѓорге Иванов во обраќањето пред 71-то Генерално Собрание на Обединетите нации во Њујорк.

„Голем дел од нашите внатрешни ризици и опасности се последица на увезени кризи. Со исклучок на билатералната поддршка за која сме многу благодарни, Република Македонија сама се справува со кризите и со намалувањето на ризиците. Преземаме мерки и носиме одлуки за заштита на нашата, а со тоа и на европската територија. За тоа трпиме критика и закани преку блокирање на нашата интеграција. Неодлучноста на ЕУ да се справи со мигрантската криза ја загрози безбедноста на Република Македонија. Бевме првата држава во Европа која прогласи кризна состојба и ја распореди армијата на своите граници. Горд сум што како Врховен Командант, со субјектите на кризниот менаџмент, со навремена реакција успеавме да ја заштитиме националната безбедност на Република Македонија“, изјави претседателот Ѓорге Иванов.

Поради двојните стандарди и непочитувањето на меѓународното право, нашите евроатлански интеграции се блокирани поради негирањето на правото на самоопределување на македонските граѓани. Пресудата на Меѓународниот суд на правдата во спорот меѓу Макеоднија и Грција 5 години не се почитува.

„Неодлучноста на Европската унија и НАТО да ја деблокираат интеграцијата на Република Македонија беше една од главните причини за постојаната внатрешнополитичка криза во Македонија што кулминираше оваа година. Последиците од блокадите станаа причини за нови блокади. Но, Република Македонија не е исклучок. Целиот регион на Балканот стагнира. Одново се јавуваат ретроградни процеси. Балканските држави наивно веруваа дека некој од надвор ќе им ги реши проблемите. ЕУ очигледно ја нема таа моќ. Но, и во вакви сложени околности Република Македонија прави се што е во нејзината можност за да има најдобри можни односи со сите соседи. Со Грција имаме разлика околу која се води процес во Обединетите нации. Двете соседни земји имаат едно отворено прашање, а илјадници области каде имаат заеднички интерес, но и сериозни предизвици како мигрантската криза, безбедноста, кои не упатуваат на тесна соработка. Прашањето за името не смее да биде пречка да остваруваме максимална соработка во сите области од заемен интерес“, нагласи претседателот Иванов.

Крајно време е да излеземе од лавиринтот на кризите. На идните генерации да им оставиме подобар свет што може да се постигне со реализација на целите за одржлив развој, парискиот договор за климатски промени и да се чуе гласот на младите- истакна шефот на државата во обраќањето пред Генералното Собрание на Обединетите нации.

Република Македонија од почетокот на овој милениум активно учествува во борбата против глобалниот тероризам. Но, оваа борба не може да се добие само со воени сили, туку и со програми за контра-радикализација.

За поврзани вести продолжете надолу

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e