Заменик министерот за внатрешни работи Агим Нухиу во своето сведочење за насилството што се случи на 27 април 2017 година во Собранието пред судот истакна дека тој неколку пати се обидел да стапи во контакт со тогашниот директор на БЈБ, Митко Чавков, но не му кревал слушалка.
-Тој ден бев службено во Куманово, а попладне се вратив дома во Слатино. Пред 18 часот на телефон минсе јави заменик директорот на БЈБ и ме праша дали следам што се случува во Собранието. Веднаш потоа му пуштив порака на Чавков и тоа во 17.58 часот со следнава содржина “Директоре дали ги следите дебатите во Собранието? Има ли можност да ескалира ситуацијата? Во 18.03 часот добив одговор “Нема можност, засега се е под контрола”. По една минута добив нова порака “Надвор нема проблеми”, рече Нухиу.
Тој додаде и дека кога видел дека ситуацијата ескалира правел обиди на телефон да го добие Чавков, но тој не ми кревал слушалка.
-Не се сеќавам точно колку пати му звонев, но за жал немаше одговор. Поради тоа пак пуштив порака и тоа во 18.58 часот. “Директоре, нема доволно полицајци, сите влезови се блокирани”, но не добив одговор.
