Заменик министерот за внатрешни работи, Проф.Д-р Агим Нухиу беше домаќин и го отвори Осмиот регионален состанок на мрежата на експерти за огнени оружја на Југоисточна Европа кој се одржа во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје.
Во продолжение следи интегралниот говор на заменик на министерот д-р Агим Нухиу:
Поаѓајќи од фактот дека нелегалната трговија со оружје во Југоисточна Европа се заканува да предизвика сериозни импликации врз безбедноста на земјите од овој регион, борбата за сузбивање на овој криминал, како и на други форми на криминал кои имплицираат користење оружје претставува еден од главните приоритети на сите земји во Југоисточна Европа, па и пошироко. Свесноста дека спречувањето на нелегалната трговија со оружје е проблем со кој тешко би можела да се справи секоја држава поединечно и самостојно, ја наметна потребата од еден поинаков и многу посериозен пристап кон оваа проблематика. Земјите од овој регион ја препознаа потребата од зајакнување на регионалната соработка, која претставува приоритет врз основа на кој се надградува безбедносната и политичката стабилност на државите во Југоисточна Европа..
Оттаму произлезе потребата и очекувањето оваа иницијатива да ги подигне на едно повисоко рамниште превенцијата, ефикасноста, оперативноста и соработката во борбата против нелегалната трговија со оружје. Полициите од овие земји, повеќе од било кога се решени ефективно да се борат против прекуграничните закани со преземање координирани и заеднички акции против недозволената трговија со оружје. Имајќи ги предвид овие цели, земјите од Југоисточна Европа се определија за понатамошно интензивирање и зајакнување на полициската соработка во борбата против недозволена трговија со оружје, делови од оружје и муниција.
Последниве години регионот на Југоисточна Европа важи за подрачје, крстопат за меѓународни канали за криумчарење оружје, а неретко е и регион на потекло и крајна дестинација на нелегалното оружје. Овие регионални состаноци даваат вистинска насока за поттикнување на земјите од Југоисточна Европа интензивно да работат на активности за спречување на нелегалната трговија со оружје, негови делови и муниција. Впрочем, пред само неколку денови исто така во Скопје се одржа Осмиот регионален состанок на Комисиите за контрола на мало и лесно оружје од земјите од Југоисточна Европа каде што се утврдува правецот, политиките, усогласеноста на законската регулатива со европското законодавство. Денес сме овде и го започнуваме Осмиот регионален состанок на мрежата експерти за огнено оружје во регионот на Југоисточна Европа која што ни служи како мултидисциплинарна платформа за размена на идеи, воспоставување и спроведување на потесна соработка со земјите членки на Европската унија токму во борбата против трговијата со оружје во содејство со Европската мрежа на експерти – ЕФЕ. Во оваа насока, на почетокот на следниот месец во Охрид ќе се одржи четвртиот состанок на Групата експерти за оружје од Југоисточна Европа, која како организација на полициски експерти задолжени за борба против недозволената трговија со оружје, работи на координација и олеснување на меѓусебната размена на криминалистичко разузнавачки информации и спроведување заеднички истраги.
Сите овие активности во областа на борба против трговијата со оружје се доказ за посветеноста на нашите земји континуирано да работат на планот на спречување на нелегалната трговија со оружје и муниција: утврдуваме и спроведуваме заеднички политики и акции, учествуваме во Заедничките денови на акција, изготвуваме заеднички планови за акција и реализираме заеднички истраги.
Сепак, мора да констатирам дека нелегалната трговија со оружје сеуште егзистира како феномен во регионот. Она што е од особена важност за сите нас овде е подигнување на свеста кај граѓаните за опасностите од употреба на мало и лесно оружје, односно промена на менталниот склоп кај луѓето за користење на оружјето.
Само со континуирано преземање на сите расположиви мерки како на национално, така и на меѓународно ниво, можеме да ги оствариме нашите зацртани стратешки цели, а тоа е градење на ефикасен систем на контрола на оружјето, што ќе придонесе кон одржување на безбедност на граѓаните како во национални рамки, така и во рамки на регионот и Европа.