Денешната средба на министрите Никола Димитров и Никос Коѕијас близу Атина не донесе конечен договор за прашањето за името, но се чини успешно го трасираше патот за средба на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас. По 5-часовните разговори, посредникот Метју Нимиц не откри детали, но рече дека била завршена одредена позитивна работа во пресрет на состанокот Заев-Ципрас на 17-ти мај во Софија.
„Состанокот можам да го оценам како многу сериозен, напорен и интензивен. Завршивме одредена позитивна работа. Двајцата министри ќе ги брифираат своите премиери како подготовка на состанокот на двајцата премиери во Софија, следната недела, на 17 мај“, изјави Метју Нимиц, посредник на ООН
Во пресрет на денешниот состанок на Димитров и Коѕијас, грчките весници Катимерини и Та Неа, пишуваат за сценарио според кое договорот ќе се постигне сега, а ќе се реализира постепено во следните 2 години. Според грчките медиуми, македонската страна ќе прифати новото име да се употребува „ерга омнес“ – надвор, но и дома, а грчката страна ќе прифати земјата да стане членка на НАТО и да ги започне преговорите со ЕУ.
Извор: Алсат