Нимиц: Атина не го негира идентитетот на македонците

Има разлики меѓу двете земји, но од Атина не слушнав негирање на идентитетот, рече денеска медијаторот во македонско-грчките преговори, Метју Нимиц на заедничка прес-конференција со македонскиот шеф на дипломатијата, Никола Димитров.

-Не наидов на ништо кај грчката страна што го негира идентитетот на народот тука и верувам дека решението кое што е можно е во согласност со заштитата и дури и зајакнување на прашањето за идентитетот. И затоа сум голем оптимист. Има разлики меѓу двете земји, но од Атина не слушнав негирање на идентитетот, рече Нимиц.

Министерот Димитров, одговарајќи на новинарско прашање, потенцираше дека идентитетот не може да биде предмет на преговори, бидејќи така никогаш би немало решение.

-Апсолутно не може да биде предмет на преговори, бидејќи не е предмет на одлука. Ако дојдеме до таа точка, до идентитетот, нема да има решение. Но жално ќе биде ако две европски држави во 21.век ова не го препознаат, истакна Димитров.

Што се однесува до прашањето за јазикот, како што рече Нимиц, некои од тие прашања се предмет на дискусија.

-Во Обединетите Нации се јавуваат прашања како дефиниција на јазикот, како ќе се користи јазикот во меѓународни рамки. Народот е загрижен дека ова е прашање кое го засега идентитетот. Верувам дека идентитетот на народите го дефинираат самите народи. Обединетите Нации работат со државите во однос на тоа како се употребува името на државата, во Обединетите Нации не се расправа за идентитетот, посочи тој.

Медијаторот повтори дека сега е вистински момент за решавање на прашањето за името помеѓу Македонија и Грција, откако, како што рече, ги слушнал мислењата на двете страни, на денешните средби со државните лидери во Скопје и при вчерашната посета на Атина.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e