Врз основа на наодите од вонредниот инспекциски надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), во врска со случајот за директорот на струшката болница, д-р Мухамед Асани, кабинетот на вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, е во постојна комуникација со инспекторатот за сите преземени активности.
„Во врска со случајот со д-р Мухамед Асани од Струга постапува Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Во текот на вчерашниот ден овој Инспекторат му издаде решение за забрана за вршење на здравствена дејност во ординацијата која се наоѓа во неговиот дом. Мојот кабинет е во постојна комуникација со инспекторатот за сите преземени активности. Внимателно ги следам сите чекори кои оваа надлежна институција ги презема за целосно расчистување на случајот.“ – посочи Николовски во врска со случајот.
Во ординацијата која се наоѓа во домот на д-р Асани, Инспекторатот веќе изврши вонреден инспекциски надзор со полициска асистенција, како што налагаат правилата за надзор во објект каде нема обележано дека постои приватна здравствена устанува, информираше вицепремиерот.
При надзорот, констатирано е комплетно опремена гинеколошка ординација, нерегистрирана, односно за којашто нема никаков документ, како што се потребните дозволи за работа и за основање на фирма. Во меѓувреме, до ДСЗИ се пристигнати четири нотарски заверени изјави од пациентки, кои тврдат дека докторот во ординацијата сместена во неговиот дом им вршел прегледи по 15 часот.
Една од пациентките во изјавата посочува дека во истата ординација, докторот ја контролирал нејзината бременост уште пред 8 години. За сето ова јавноста е веќе известена.
„Државниот санитарен и здравствен инспекторат, постапува согласно надлежностите и ќе ги извести сите надлежни институции за констатираната состојба во ординацијата сместена во домот на д-р Асани. Владата ќе продолжи да работи на механизми и системски мерки за расчистување на сите случаи, во интерес на сите граѓани. Државата е тука за граѓаните. Законите важат за сите подеднакво!“ – вели Николовски.