Николовски: Унапредувањето на трговската и економската размена со Русија е од заеднички интерес за двете земји

Во рамки на официјалната тридневна посета на Москва, Русија, денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, имаше работна средба со министерот за земјоделство на Руската Федерација, Александар Ткачов.

На средбата беше потенцирана потребата од унапредување на економската и трговската соработка помеѓу Република Македонија и Руската Федерација, што е од заеднички интерес за двете земји.Министерот Николовски, посочи дека Владата на Република Македонија, ќе ја продолжи поддршката на македонските компании за промоција на нашите земјоделско-прехрамбени производи на рускиот пазар, преку поддршка за нивен настап на најголемите саеми во Москва, како што е актуелниот „Продекспо“ и „Светот на храната“. Министерот Ткачов, порача, Македонија да продолжи со промоција и збогатување на асортиманот со нови македонски производи, за кои има интерес на пазарот во Русија.

27503353_1630848710306015_7564881488154150735_o

На работниот состанок, на кој што од македонска страна присуствуваа, амбасадорот на Република Македонија во Русија Гоце Карајанов, директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Јане Станкоски и директорот на Македонско-руската Стопанска комора, Дејан Бешлиев, се разговараше и за унапредување на соработката во областа на фитосанитарниот надзор. Воедно на средбата двајцата министри разговараа и за експертска помош од страна на Русија за македонската  фитосанитарна инспекција, согласно потпишаниот Меморандум за соработка.

Извозот на македонски земјоделски производи во Русија бележи континуиран пораст во изминатите неколку години, а носечки производи се праските, доматите, зелката, сливите, цигарите. Благодарение на промотивните настани, се очекува асортиманот на македонски земјоделски производи да се збогати со нови производи, како што се македонските вина и млечни производи. Извозот на земјоделско-прехранбени производи од Република Македонија во Русија во 2017 година изнесува 30,2 милиони евра. Русија е заинтересирана за извоз на житарици во Македонија, а најмногу за извоз на пченица.

Во рамки на официјалната посета на Москва, министерот Николовски, денеска присуствуваше и на најголемиот саем за широка потрошувачка „Продекспо“. На овој саем годинава своите производи ги претставуваат шест македонски компании, чии што настап на саемот е во организација на Македонско-руската стопанска комора и со финансиска поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Саемот „Продекспо“,  се одржува секоја година во месец февруари, на вкупна површина од околу 100.000 м2, а со свои штандови присуствуваат претставници од преку 2.000 компании од над 60 земји од светот.

27797626_1630952483628971_8940073153370061242_o

Инаку министерот Николовски од страна на Владата на РМ, во октомври минатата година беше назначен за ко-претседател на Меѓувладината македонско-руска комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка меѓу Република Македонија и Руската Федерација, во која земјоделството претставува значаен сегмент во разговорите меѓу владите на двете земји.Со ваквата владина одлука е направен е  прв чекор кон повторно активирање на работата на Комисијата. Во таа насока, во текот на утрешниот ден, министерот Николовски ќе има работен состанок со ко-претседателот на Меѓувладината комисија за соработка од Руската Федерација, Максим Травников.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e