Заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, имаше видео обраќање на посебната седница на Генералното собрание на ОН против корупција – 2021, на којашто учествуваа земјите – потписнички на Конвенцијата против корупција на ОН.
Република Северна Македонија во 2007 година ја ратификуваше Конвенцијата на ООН против корупцијата, и нејзините одредби станаа составен дел од правниот поредок на Северна Македонија. Вицепремиерот Николовски, во своето видео обраќање посочи дека врвен приоритет на Владата на Република Северна Македонија е борбата против корупцијата, што јасно ја докажа со воведувањето на нова функција во Владата, заменик на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси.
-Борбата против корупцијата е клучен приоритет во владината рамка „Акција 21“, и тоа е резултат на нашата силна определба за воведување на систем кој генерира и испорачува правда, правна држава, ред и поредок. Нашата политичка волја и напори за спречување на корупцијата е јасна и недвосмислена. Преку спроведување и имплементација на Конвенцијата на ООН против корупцијата, како и преку Планот на Владата за борба против корупција, создаваме општество во кое нема да има место за корупција, општество во кое се почитува правото и заштитата на човековите права за секој граѓанин. И тоа е нашиот влог во иднината, за подобар живот и за просперитетна држава со силни институции, рече Николовски соопшти владината прес-служба.
Николовски потенцираше дека Северна Македонија за прв пат донесе План за борба против корупцијата, составен од системски мерки, за длабоки реформи во општеството, кој се заснова на неколку столба – дигитализација, механизми за проверка на имот и капитал, конфискација на нелегално стекнат имот, транспарентност, подигање на свеста на граѓаните за пријавување корупција, високо ниво на интегритет и етички стандарди за носителите на јавни функции. Според него, Конвенцијата на ООН против корупција, испраќа јасна порака, дека целата меѓународна заедница е одлучна да води бескомпромисна борба против корупцијата.
