Вицепремиерот за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси и генерален секретар на СДСМ Љупчо Николовски се приклучи кон кампањата „Заокружи НЕ за насилство врз жените во политиката“ на Националниот демократски институт!
„Ова го правам за сите жени во политиката, од владејачкото мнозинство и опозицијата! Жените во политиката и јавниот живот, нашите колешки, заслужуваат почит и поддршка! Свесен сум дека освен секојдневната тежина на работата, го носите и товарот што значи да се биде жена во политиката, дека често сте мета на многу напади и закани кои не се никако поврзани со вашата работа и дека со тоа херојски се справувате секојдневно.
Ова го правам за сите млади девојки, кои некогаш помислиле да се откажат од својот сон за кариера која ќе го подобри животот на граѓаните во земјава, заради јавните напади на жените во политиката! Тука сме заедно да ги менуваме состојбите и да ги предизвикуваме недостатоците“, порача Николовски на својот ФБ профил.
Вицепремиерот ги повикува сите надлежни институции, без исклучок и со максимална сериозност да пристапуваат кон ваквата проблематика.
„Ова не е проблем кој ги засега само жените, ова е проблем кој директно влијае врз сите нас, затоа и треба заеднички да му пристапиме!“, вели Николовски.