Вицепремиерот за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски денеска оствари состанок со главниот државен ревизор Максим Ацевски на кој разговараа за реализацијата на мерките од Планот за борба против корупција, но и за потребата од активирање на Ревизорскиот комитет во склоп на Владата.
-Соработката со Државниот завод за ревизија овозможува навремено постапување по ревизорските наоди од страна на надлежните институции. Тоа не значи намалување на независноста на оваа институција, туку напротив – оваа соработка е од клучно значење во целокупната борба против корупцијата и криминалот. Секој извештај детално се разгледува на владините седници, рече Николовски.
Вицепремиерот Николовски потенцираше дека професионалниот капацитет на ДЗР е важен за рационално користење на буџетските средства и спречување на злоупотреба.
-Овој пристап е вграден во последните владини одлуки за ограничување на службените трошоци за угостителски услуги и за користење на службени возила, порача Николовски.
