“Во изминатиов период покажавме и потврдивме со низа документи дека злоупотреби во МЗШВ има речиси во секој сегмент.
Денес обелоденуваме уште еден скандал од оваа министерство. Случај што директно е поврзан со изборните манипулации, селективната исплата на субвенции и нашата законска улога и обврска – тоа да биде спречено.” – изјави на денешната прес конференција дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Да тргнеме по ред. Согласно член 48 од Законот за земјоделство и рурален развој спроведувањето на мерките за директни плаќања (односно субвенциите за земјоделците) може да се врши преку интегриран систем за администрација и контрола. Во декември 2011 година МЗШВ потпишува Договор за изработка токму на тој систем со странски компании (ИСАК). Според договорот од стотици страни, системот чини 778.000,00 евра, платен од МЗШВ, а даден на користење на Платежната агенција. Еве го договорот. Преку овој скапо платен систем треба да се обезбедува администрација и контрола на средствата од директните плаќања односно субвенции, средствата за рурален развој и средствата од ИПАРД и да овозможи усогласено функционирање и непречена размена на податоци со другите институции. Во 2012 година е донесен Правилник за начинот и функционирањето на овој систем според кој е регулирано дека заради правилно функционирање и размена на податоците МЗШВ треба да склучи меморандум со АФПЗРР, Агенцијата за катастар на недвижностите и АХВ заради користење на податоците за земјоделските парцели и бројната состојба на животните и нивната идентификација. Но, што констатира конечниот ревизорски извештај на ДЗР за периодот 2014 година. Ова е тој извештај. Прво, дека на ревизијата не и се презентирани склучени договори/меморандуми за соработка на МЗШВ со АФПЗРР, Агенцијата за катастар на недвижностите и АХВ. Дека овие состојби не се во согласност со Законот за земјоделство и рурален развој и влијаат на правилното функционриање на системот. Второ, ревизорот констататирал дека поради нефункционалноста во софтверот за директни плаќања изборот на примерок за контрола се прави со помош на ексел апликација и со користење на само два критериуми. Трето, ревизорот констатира одобрување на неавторизирани налози за исплата кои ги нема во прегледот на донесени решенија за одобрување на исплата. Затоа прашуваме: Зошто не биле потпишани договори за соработка меѓу институциите за користење на податоците за земјоделските парцели и бројната состојба на животните и нивната идентификација? Дали токму нефункционалноста на овој систем за кој се платени 778.000 евра средства од граѓаните за да се овозможи администрација и контрола на исплаќање на субвенциите на земјоделците, е токму причината за селективниот и клиентелистички пристап во распределба на субвенциите? Зошто ова се случува вопериод кога имавме локални, претседателски и парламентарни избори? Земјоделците имаат право да ја знаат вистината. Во нивно име и со нивни пари се правени големи злоупотреби. Бескомпромисно и без калкулации работиме и ќе продолжиме да работиме во интерес на земјоделците и граѓаните. И ќе спречиме било каква злоупотреба во пресрет на следните избори. Тоа е наша законска обврска, должност и цел. – додаде Николовски.
|