Транспарентноста и отчетноста се главна основа во борбата против корупцијата, истакна вицепремиерот за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
„Се обврзавме да работиме под будното око на граѓаните и пред нив да одговараме. Презедовме конкретни чекори и ја зголемивме транспарентноста не само на Владата, туку на сите институции во државата. Граѓаните имаат право да знаат како и за што се трошат нивните пари.
На денешната конференција за спроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, организирана од Центарот за граѓански комуникации, разговаравме за искуствата на институциите од споведувањето на овој Закон како и за мерките кои се дел од #ПланотЗаБорбаПротивКорупција.
Направивме стратегија со цел сите институции, министерства и општини задолжително да ги направат сите важни информации од јавен карктер достапни за секој граѓанин“, посочи Николовски.
Николовски нагласи дека сите државни органи се задолжени да изготват интерни процедури за спроведување на постапките за јавни набавки и реализација на договор и да ги објават на своите веб страни.
„Сите органи на државната управа и останатите институции се задолжени да овластат лице за прием на пријави согласно Законот за заштита на укажувачи и Законот за слободен пристап до информации.
Усвоена е Одлука со која, за прв пат, сите државни функционери ќе имаат ограничување на трошоците за угостителски услуги.
Поучени од минатото кога корупцијата вешто се криеше зад ‘класифицирани’ и ‘доверливи’ документи и постапки, посветено работиме на унапредување на транспаретноста со цел целосно сузбивање на оваа појава којашто ги осиромашуваше и ги влечеше назад државата и граѓаните“, потенцираше Николовски.
