Вицепремиерот за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси и генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски во вечерашното гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 истакна дека кандидатите за градоначалници ќе бидат одбрани по реализирање на ветувањата дадени на минатите локални избори.
„СДСМ е фаворит на локалните избори кои следат, воведовме Мерит систем преку кој ја следиме работата на градоначалниците, ја мотивираме, бараме почитување, бараме почитување кодекс на однесување, и на ниво на влада секогаш кога кодексот е прекршен, реагираме. Без оглед на кого станува збор. Така и во рамки на партијата го градиме тој систем, го мериме учинокот на градоначалниците, реализирање на ветувањеата“, посочи Николовски.
Николовски нагласи дека на претходните избори имале ветено 17 илјади проекти, така да после конгресот ќе биде отворена постапката и тука ќе се исфилтрираат најдобрите кандидати за градоначалници.
„Ќе имаме анкети за секоја општина, но системот дигитален има можност да го анкетираме целокупното членство да каже кој е најдобриот кандидат во секоја општина. И верувам дека ова со отворени листа ќе успее, навистина да ги одбереме најдобрите луѓе. Не да задоволиме лични апетити, сега ќе поставиме високи критериуми за да може да се најдете на листа на кандидат за советник. Целосно сме отворени за разговор за било кого, и тоа е рецептот на успешноста“, потенцираше Николовски.
