Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска оствари средба со земјоделски производители и преработувачи на зеленчук од Валандово- Гевгелискиот регион. На истата се дискутираше околу договорното производство на зелка, и други градинарски култури од тој регион, а е на иницијатива на Јован Петков, земјоделски производител, агроном.
Тој со своите колеги земјоделци пред министерот Николовски ја образложија потребата од враќање на довербата меѓу примарните производители и преработувачи и можноста за производство на потребни суровини за преработувачките капацитети.
-Оваа иницијатива наиде на поддршка од страна на преработувачите, за кои најсигурна и најдобра суровина е домашната. Разговараме за нови можности, нови проекти за договорно производство и здружување на земјоделците како основа за сериозни преговори со преработувачите. Како министерство секогаш сме отворени за нови предлози кои значат зголемување на домашното производство, намалување на увозот на суровини, и јакнење на договорното производство како најсигурно за земјоделците, порача министерот Николовски по средбата.