Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска, заедно со новиот претседател на Собранието и поранешен министер за земјоделство,шумарство и храна, Дејан Жидан, заеднички го означија официјалното отворање на саемот за храна АГРА2018. Николовски, на саемот кој деновиве се оддржува во Словенија, ја претставува Македонија како земја-партнер на еден од најголемите саеми за земјоделство и храна.
“Огромна чест е што оваа година Македонија, за прв пат е земја-партнер на еден од најголемите саеми за храна и земјоделство во Централна и Источна Европа. Денеска заедно со новиот претседател на Собранието и поранешен министер за земјоделство,шумарство и храна, Дејан Жидан, заеднички го означивме официјалното отворање на АГРА2018 и ја потенциравме одличната соработка помеѓу двете земји, особено поддршката што Македонија ја добива од Словенија во евро-интеграцискиот процес”, изјави на саемот Николовски.
На настанот, како што пренесува министерот, гостите биле воодушевени од прекрасната македонска храна и вино и дека Македонија може да биде горда на земјоделските производи и вкусната храна.
“Прекрасно подготвена македонска храна и квалитетно македонско вино ги воодушеви гостите на #Агра2018 Македонија може да биде горда на земјоделските производи и вкусната храна кои ги има. Македонските прехрамбени брендови се препознаени и почитувани во Европа и светот, а со членството во ЕУ тие ќе бидат уште поконкурентни. За мене е голема чест што добив благодарница за успешно претставување на Македонија како земја партнер на овогодинешниот саем. Се потрудивме и верувам дека ја претставивме нашата земја во најдобро светло”, вели Николовски.
На настанот можеше да се забележи и македонска музика и oро, како и да се вкуси традиционална македонска храна.Саемот АГРА претставува можност за голем број земји да го претстават на автентичен начин своето производство на храна и вино, место каде може да се види најсовремена опрема во прехранбената индустрија, земјоделска механизација, репроматеријали и последните технолошки достигнувања во производствениот процес во земјоделството.