-Ефикасната борба против корупцијата го штити државниот буџет и јавните финансии. Оттука, инвестирањето во борбата против корупцијата и креирањето на овозможувачка средина за институциите во првите борбени линии е директна инвестиција во државната каса, која ги овозможува квалитетните услуги за граѓаните. – порача вицепремиерот за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски на социјалните мрежи.
Државната комисија за спречување на корупцијата, од почетокот на својот мандат се соочуваше со предизвици во работата и не можеше да работи со полн капацитет заради немањето соодветни деловни простории во кои беше седиштето на Комисијата. Но, пред неколку месеци Антикорупција ги доби најдобрите простории со кои моментално располага државата, за што лично се заложи вицепремиерот Николовски.
-Новите простории овозможуваат ставање во употреба на новиот, напреден хардвер и софтвер со кој се унапредува работата на комисијата преку побрзо и прецизно обезбедување на релевантни податоци за случаите кои се водат.
Нашата крајна цел останува воспоставувањето на апсолутно владеење на правото преку градење на институции со интегритет кои се силни и независни! Безусловно продолжуваме во нашата мисија за обезбедување соодветна инфрастуктура за непречена работа на институциите, дециден е Николовски.