Министерот Љупчо Николовски на денешната заедничка прес конференција со премиерот Зоран Заев, информираше за останатите точки и теми што ќе бидат разгледани на наредните седници на Комитетот за земјоделство и безбедност на храна.
„Со цел безбедни и квалитетни земјоделски производи, преку новиот Закон за производи за заштита на растенија, ќе се воспостави контролирана употреба на заштитните средства, преку воспоставување на интегрирана заштита, што подразбира помала употреба на пестициди, а зголемена употреба на агротехнички мерки. Така, ќе се заокружи целосниот процес од увоз до краен потрошувач, вклучувајќи ги и земјоделците. Здравјето на граѓаните е наш врвен приоритет“, порача министерот Николовски.
Во однос на приближување на поквалитетни услуги поблиску до земјоделците, министерот Николовски рече дека преку процесот на децентрализација министерството што тој го предводи ги разгледува можностите да предаде дел од надлежностите на локалната власт.
„Општините би предлагале слободни површини за давање под закуп и би ги ставале во владение на корисниците. Исто така, со ваквата идеја за децентрализација, би се отворила можност земјоделците да поднесуваат барања за субвенции во секоја општина, наместо во Подрачните единици. Сите рурални општини би имале испостави во селата, за секој земјоделец да може да си го поднесе барањето во своето место на живеење“, истакна министерот Николовски.
Министерот Николовски информираше дека и осигурувањето на земјоделското земјиште е еден од приоритетите на кој се работи преку краткорочна и долгорочна стратегија.
Во однос на моделот на исплата на субвенциите министерот Николовски информираше дека во тек е изработка на анализа на влијанието на субвенциите на вкупното земјоделско производство и врз основа на добиените резултати ќе се градат идните политики на распределба на субвенциите.
„Владата и Министерството за шумарство и водостопанство се насочени да биде завршен процесот на земјишна политика и доделување на земјоделска земја на тие на коишто им е најпотребна. Денес од тука најавувам дека ќе имаме специјален и посебен оглас согласно законот што ни дозволува, да биде оглас наменет за сточарите заради тоа што еден од клучните проблеми е тоа што немаат земја“, соопшти минситерот Николовски.
Министерот Николовски информираше дека при спроведените контроли констатирано е дека 15.000 хектари се слободна површина на земјоделска земја за што рече дека во следниот период со Државниот земјоделски инспекторат ќе се направат дополнителни контроли за да утврдат можните злоупотрби направени со оваа земја за којашто оцени дека била узурпирана.